Еден од противниците на македонската репрезентација на Европското првенство ќе биде селекцијата на Украина, која има големи проблеми со играчите на десната бековска позиција. Селекторот Сергеј Бебешко нема да може да смета на најдобриот украински играч Сергеј Онуфриенко поради повреда, а остана и без услугите на Владислав Донцов од Мотор Запорожје.
Десниот бек на украинскиот шампион има проблеми со зглобот. Тој не играше два месеци поради повредата и се подготвува за операција во јануари. Скоро сигурно нема да биде дел од репрезентацијата на ЕП, па Бебешко ќе мора да патува само со еден десен бек или да комбинира со деснорак играч на таа позиција.
„Знаевме за проблемите на Донцов и Онуфриенко, но се надевавме дека можат да бидат подготвени. Сепак, тоа нема да се случи. Рехабилитацијата на Онуфриенко не е толку брза како што очекувавме, па тој остана во Франција. Што се однесува до Донцов, сите напори на докторите да го оспособат за тренинг и игра без операција беа неуспешни. Тој сега се подготвува за операција, па овие двајца играчи нема да настапат на ЕП“, изјави Бебешко.
Роман Чичикало од полскот Заглебје е првата алтернатива, но на контролните натпревари со Тунис, Бебешко комбинираше и со Остроушко, Жуков и Буњенко на таа позиција. Натпреварот меѓу Македонија и Украина се игра на 10 јануари со почеток во 20:30 часот.