Еден од најдобрите млади ракометари на Франција, Мелвин Ричардсон е прво засилување за екипата на Барселона за следната сезона според шпанските медиуми. Французинот во Барселона ќе остане четири сезони односно до 2025 година.
Младиот ракометар на Монпелје се реши да не го продолжи договорот со неговиот сегашен клуб и да ја избере Барселона како вистински предизвик во неговата ракометна кариера.
Синот на легендарниот ракометар Џексон Ричардсон беше на мета на големи клубови како Веспрем, Рајн Некар Левен и полскиот шампион, Келце. Сепак, Барселона ја доби битката за десниот бек на француската репрезентација и полека создава тим со млади ракометари.
Мелвин Ричардсон е еден од носителите на играта во Монпелје. Со францускиот тим оваа сезона се пласираше во четвртфиналето од Лига на Европа.
Во сениорската репрезентација на Франција е член од 2017 година, има одиграно вкупно 22 официјални натпревари во сениорскиот дрес и постигнато 61 погодоци. Има настапувано и за сите младински категории за француската репрезентација.