Барселона остана на максимум, лесно го среди Нант

Ракометарите на Барселона на гостувањето во Франција кај Нант забележаа победа од 37:33 во натпревар од 10. коло во Лигата на шампионите и остануваат единствената екипа, која во досегашниот тек од сезоната во најквалитетното европско натпреварување нема загубено натпревар.

Во првото полувреме постигнати беа вкупно 38 погодоци и тоа доволно говори дека двете екипи не одиграа на ниво во одбраната, посебно екипата на Нант, која во првиот дел прими дури 22 гола.

Барселона уште од почетокот наметна свое темпо и веќе кон средината на првиот дел започна да ја полни мрежата на домаќинот, кој парираше само на почетокот на дуелот, односно беше рамноправен до 4:4. Каталонскиот гигант набрзина се одлепи на 8:4, лесно постигнуваше погодоци и беше пресилен за домашниот тим.

Избраниците на Карлос Ортега во периодот од 20 минута, па се до крајот на полувремето беа доминантни на теренот и постепено ја зголемуваа разликата во своја корист. Нант беше немоќен, не можеше да се справи против разиграните гости и на полувреме замина со негатива од 22:16.

Гостинската екипа во вториот дел рутински ја контролираше разликата и до 45 минута водеше со шест до седум гола разлика. Во последниот период дојде до големо опуштање во редовите на Барселона, се зголемија техничките грешки во гостинскиот табор и домаќинот пред финишот беше на прагот да нправи пресврт кога се доближи на само гол негатива, 31:30, но Барселона не дозволи од готово да направи вересија, се консолидира по кризата и дојде до својата 10-та победа.

Најефикасен во победничката екипа беше Лудовик Фабреагас со осум погодоци. Искусниот Валеро Ривера беше предводник на стрелците во поразениот табор, постигна пет гола.