Барса реши сѐ за едно полувреме, го торпедира ПИК Сегед!

Екипата на Барселона во натпревар од 13. коло од Лигата на шампионите забележа убедлива победа над унгарскиот шампион ПИК Сегед, со резултат 35:25 (20:10).

Каталонскиот гигант во досегашниот тек од сезоната победи на 12 натпревари, додека на еден дуел, против тимот на Кил, одигра нерешено 30:30.

Овој дуел немаше никакво резултатско значење, бидејќи Барселона обезбеди директен пласман во четвртфиналето, додека ПИК Сегед во осминафиналето.

Барселона натпреварот го реши уште по првото полувреме, замина на пауза со ,,плус десет” 20:10, додека второто полувреме беше само формалност и шанса за ПИК Сегед да ја преполови негативата.

Сепак, избраниците на Хуан Карлос Пастор влегоа во поголема криза, ги зголемија грешките и не успеаја да се изборат за поблаг пораз во дуелот со актуелниот европски шампион.

Најефикасни во редовите на победничкиот тим беа Дика Мем, Јанц Блаж и Лудовик Фабрегас, кои постигнаа по пет гола. Голманот на Барселона, Перез де Варгас дуелот го заврши со 15 интервенции, додека голманот на ПИК Сегед, Роланд Миклер имаше 16 одбрани. Кај унгарскиот шампион се истакна Александар Блонц со четири погодоци.