Бабиќ: Фаворитска улога не треба да се спомнува

Тимот на Еурофарм Пелистер го очекува дуелот од петтото коло во Лигата на Европа против словенечкиот Тримо Требње.

Тренерот на битолчани Жељко Бабиќ вели дека оваа корона-сезона нема фаворити и такви улоги не треба да се споменуваат.

„Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим“, вели Бабиќ.

Тој ќе им двобој против Урош Зорман, кој по работата како асистент во Келце, во Тримо го има првиот тренерски предизвик како главен на клупата.

„Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, страотно брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман“, заврши Бабиќ.

Натпреварот меѓу Тримо Требње и Еурофарм Пелистер се игра во „Тиволи“ со почеток во 20:45 часот.

Трајкоски: Тримо игра скандинавски ракомет, но подготвивме тактика за нивната брза игра