Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува петтиот натпревар во Лигата на Европа, а противникот е добро познат – словенечкиот Тримо требње, од кој битолчани загубија минатата недела.
Тренерот Жељко Бабиќ вели дека овој натпревар ќе биде голем тест за него и за неговите избраници, колку можат да играат под стрес и притисок.
„Направивме добра анализа на натпреварот во Словенија, го вративме победничкиот менталитет и верувам дека оваа ситуација е одлична за цел тим и за цел клуб. Стресот ни е неопходен и ова ќе биде тест за мене и за целата екипа. Треба да видиме дали може да играме против стресот и притисокот и да го добиеме овој натпревар. Овој дуел доаѓа во вистинско време и длабоко верувам во овој тим и во неговите квалитети. Во Словенија не го покажавме нашето право лице. Постојат и причини за тоа, но нема потреба да се навраќаме на тоа. Имаме стрес, притисок и јас се радувам на натпреварот“, вели Бабиќ.
Хрватскиот стратег откри дека ќе ја промени стратегијата за овој натпревар и се надева дека тоа ќе вроди со плод.
„Моја одговорност е натпреварот во Љубљана. Морам да поработам на психолошки план, да можеме да играме 60 минути на високо ниво. Евидентно беше дека сме под притисок, бидејќи имавме одлични акции кои не ги реализиравме, а и во одбрана не одбранивме многу напади. Но, тоа во спортот се случува. Најважно е што ние имаме квалитет, па ако добро се тренира и ако тимот е заедно, треба да бидеме трпеливи и резултатите ќе дојдат. Можеби овој натпревар доаѓа во ситуација која за нас не е најдобра, но од проблемите се раѓаат можности. Малку ќе ја променам стратегијата и верувам дека тоа на крај ќе вроди со плод“, заврши Бабиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Тримо Требње се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.