Еурофарм Пелистер ги започна подготовките пред стартот на пролетниот дел од сезоната во која битолчани се активни на четири фронта.
Тренерот Жељко Бабиќ не може да смета на поголем дел од ракометарите што се на ЕП, па затоа на помош за тренинзите се приклучија играчи од вториот тим.
„Како и секогаш имате позитивни и негативни работи кога почнуваат зимските подготовки. Среќен сум што нашите играчи играат за своите репрезентации и длабоко сум уверен дека добро ќе се презентираат. Од друга страна како тренер би сакал да сме сите заедно и да можеме да тренираме, бидејќи ни следи напорна втора полусезона, во која треба да ги браниме добрите резултати од есенскиот дел. Ќе мора да ги убрзаме процесите да бидеме спремни за почетокот на февруари и официјалните натпревари“, вели Бабиќ.
Подготовките ќе минат во Битола, а кон крајот на месецот, битолчани заминуваат за Загреб, каде ќе играат три пријателски средби.
„Ќе се подготвуваме во Битола оваа и следната недела. На 23 јануари патуваме во Загреб, имаме три контролни натпревари против добри екипи како Целје, Сесвете и ППД Загреб. Ќе видиме кои од играчите ќе ни се приклучат од Европското првенство и каква ќе биде ситуацијата со корона-вирусот. Во меѓувреме ќе почне и домашното првенство со домашниот дуел против Охрид. Битно ни е да ни се вратат играчите здрави и ако е воопшто возможно, коронавирусот да нè заобиколи“, заврши Бабиќ.
Пролетниот дел од Суперлигата стартува на 2 февруари, додека првиот меч во Лигата на Европа е на 15 февруари.