Тимот на Еурофарм Пелистер го очекува реванш натпреварот од осминафиналето во регионалната СЕХА лига против хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице.
Битолчани загубија до три гола разлика на првата средба, 23-20, па нема да имаат лесна задача да стигнат до четвртфиналето. Тренерот Жељко Бабиќ се појави пред новинарите за првпат како тренер на Еурофарм Пелистер.
„Ова е ново искуство за мене, нов тренерски предизвик во прекрасна и отворена земја како Македонија. Играчите добро тренираат, фокусирани сме на Нексе и подготвени за реваншот. На првиот натпревар имавме лош офанзивен дел, многу технички грешки и мора да се поправиме. Одбраната и транзицијата беа добри во Нашице. Верувам дека грешките ќе ги поправиме и ќе се радуваме на победата. Јотиќ и Маџовски влегоа во тренажен процес по повредите и ќе се најдат во ростерот. Кај Нексе се враќа Јагањац и ќе бидат посилни од првиот натпревар. Ниту ние, ниту Нексе не сме во натпреварувачка форма и тешко е да се предвиди во кој правец ќе се одвива натпреварот. Сепак, можам да кажам дека мора да играме агресивна одбрана и максимално трчање во текот на цел натпревар“, заврши Бабиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе Нашице се игра утре во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.