Бабиќ: Не успеавме да уловиме „голема риба“

Екипата на Магдебург го доби првиот дуел од двобојот против Еурофарм Пелистер во Битола со 32:24 од осминафиналето од Лигата на Европа. Со ова практично е одлучен двобојот бидејќи ќе биде тешко во Германија следниот вторник да се надомести.

Тренерот Жељко Бабиќ вели дека уште од стартот беа промашни многу ситуации и не е задоволен што неговите ракометари не се покажаа во најдобро издание.

„Честитки за Магдебург. Мислам дека од стартот промашивме многу ситуации што не се дозволени за ваков меч. Игравме многу споро. Лут сум затоа што мислам дека не го покажавме најдоброто од нас. Во овој дел од сезоната играме пречесто и можеби затоа ја загубивме силата. Тие не ни дозволија да го направиме тоа. Морам да кажам беше задоволство да се игра против добар стратег, добар тим, тим со добра одбрана. Ние играме често, мора да ја подобриме нашата игра. Ова беше добро искуство за мене како тренер и за моите играчи, и се надевам дека ќе бидеме подобри во Магдебург. Во меѓувреме играме и со Вардар, а тоа е голем предизвик за нас. Имаме проблеми со повреди, а играме три или четири пати во неделата. Засега ние не успеавме да уловиме „голема риба“, вели Бабиќ.

Реванш дуелот меѓу овие две екипи се игра следниот вторник во „Гетек Арена“ со почеток во 18:45 часот.