Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај Нексе Нашице со 23-20 и нема да има лесна задача да ја анулира негативата на реванш натпреварот од осминафиналето на регионалната СЕХА лига.
Тренерот Жељко Бабиќ смета дека победата на домаќинот е сосема заслужена.
“Заслужена победа на Нексе, домаќинот одигра одличен натпревар и беше подобар противник. Натпреварот беше полн со пресврти, но сè уште мислам дека можеме подобро од ова. Игравме добро во одбраната, но не и во нападот“, рече Бабиќ.
Реваншот од осминафиналето меѓу македонскиот и хрватскиот вицепрвак ќе биде на програмата на 12 февруари со почеток во 20:15 часот во спортската сала “Боро Чурлевски”.