Тимот на Подравка, чиј тренер од оваа сезона е Жељко Бабиќ, обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на Европа.
Хрватскиот тим мораше да се помачи и дури по пенал рулетот со полскиот Заглебје Лубин славеше со 26-24, откако во регуларниот дел мечот заврши 22-22. На првата средба во Полска исто така беше нерешено 24-24.
Подравка губеше по првиот дел со 12-8, се врати во игра во второто полувреме, но на триесетина секунди до крајот губеше со 22-21. Бабиќ повика тајм-аут, а Дора Калаус постигна гол на пет секунди до крај за реми и пенал рулет.
Двете екипи ги погодија првите два удари, 24-24. Баришиќ и Сала промашија во третата серија, а Шенвалд и Панџа погодија за 26-24 и голема радост во Копривница.