Хрватскиот стратег на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, доби позитивен тест на коронавирус и нема да го води тимот во следните две недели.
На последното тестирање пред заминувањето за Магдебург, тренерот на битолчани доби позитивен тест.
Битолскиот клуб објави дека неговите асистенци, Божидар Мојсов и Ице Соколески, ќе ја водат екипата на гостувањето во Лигата на Европа.
„Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека при последното тестирање на ковид-19, неопходно за патувањето на екипата во Магдебург, тренерот на екипата Жељко Бабиќ е позитивен на ПЦР тестот. Се работи за асимптоматски случај и Бабиќ веќе е во карантин. Наместо него екипата во Магдебург ќе ја водат неговите помошници Божидар Мојсов и Ице Соколески. Бабиќ ќе ги пропушти и натпреварите против Младост Богданци (Куп) и Татран Прешов (СЕХА лига). Клубот му посакува брзо оздравување и враќање на работното место. Исто така известени се претставниците на Вардар 1961, со кои Еурофарм Пелистер играше натпреварот од плеј-офот на Суперлигата во саботата“, се вели во соопштението на битолчани.
Натпреварот меѓу Магдебург и Еурофарм Пелистер се игра утре во 18:45 часот, а битолчани неделава (в четврток и сабота) имаат уште два меча против Младост Богданци и против Татран Прешов.