Бабиќ: Загреб ќе ни биде добра проверка пред Татабања

Тимот на Еурофарм Пелистер в сабота го чека првиот официјален натпревар во овој дел од сезоната.

Ривал на битолчани ќе биде хрватскиот првак Загреб, а тренерот Жељко Бабиќ очекува играчите да уживаат во натпреварот.

„Мотивациски е добро што ќе играме против Загреб. Играме против одличен тим, добро воден и со одличен тренер. Игравме пред неколку дена пријателски натпревар, па и овојпат треба да уживаме. Во перспектива и за натпреварите против Татабања, овој дуел многу ќе ни значи. Од една моја тренерска перспектива се работи за екипи со приближен квалитет, но со различни карактеристики. Се радувам што ќе играме, што почна СЕХА лигата и, иако има многу натпревари, верувам дека тоа е добро. Ни дава убавина од спортска гледна точка, без разлика на победа и на пораз“, вели Бабиќ.

Дел од играчкиот кадар не е подговен за настап против Загреб.

„Што се однесува до подготовката, имаме одредени проблеми и четири играчи од ростерот нема да патуваат заради физички проблеми. Се надевам дека барем еден ќе вратиме во тимот за натпреварите против Татабања, иако и тоа не е сигурно. Сепак, не е време да се жалиме и да кукаме, имаме други ракометари кои имаат свои вредности, а и јас и клубот веруваме во нив. Дури и ќе се осудам да кажам дека изостанувањето на тие ракометари не би требало да се почувствува. Верувам дека со правилен пристап и мотивација и цврста одбрана ќе ни даде одредена динамика во самиот натпревар“, заврши Бабиќ.

Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра в сабота од 20:00 часот.