Астраион со пресврт го реши Партизан

Екипата на Астраион во првото коло од плеј-аут фазата во Првата машка лига успеа да дојде до победа против Партизан со 34:19, во натпревар со две различни полувремиња. Во првиот дел, Партизан ја имаше контролата на терен, додека во второто, Астраион со серија од 10:0 направи одличен подвиг, со кој дојде до победа во денешниот натпревар.

Домашната екипа имаше добар почеток, поведе со 3:0 на стартот и во останатиот дел од првото полувреме беше подобра од гостинскиот состав од Струмица, кој единствено во два наврати во првото полувреме успеа да го израмни резултатот на 6:6 и 7:7. Избраниците на Ристо Узунчев, кои беа предводени од Лисичков и Банцалиски, константно беа во водство во првите 30. минути. Партизан на пауза замина со капитал од три гола позитива, 14:11.

Лисичков на почетокот на второто полувреме го зголеми водството на својата екипа на плус четири гола разлика, 15:11. Астраион првиот погодок во вториот дел го постигна во 33. минута преку Цонев. Истиот ракометар минута подоцна повторно беше успешен за намалување на резултатската негатива на само минус два, 15:13.

Ракометарите на Партизан влегоа во голема криза, која беше целосно искористена од противникот, кој со серија од 10:0 направи пресврт и при негатива од 16:14 дојде до водство од плус девет гола разлика, 24:16. Домаќините не можеа да се вратат во игра и во последниот дел од натпреварот веќе подигнаа бело знаме.

Водството на Астраион во 50. минута беше 26:17. Последните десет минути беа само чиста формалност. Астраион со одличната игра во одбрана дозволи противникот да постигне само пет погодоци во второто полувреме или еден гол на секој шест минути.

Предводници во победничката екипа беа Васко Стојанов со осум и Александар Цонев со шест погодоци. Во поразениот табор, листата на стрелци беше предводена од Горан Лисичков и Ѓорѓе Банцалиски со по седум погодоци.