Екипата на Астраион на домашен терен триумфираше против составот на Шампион, со пет гола разлика, 26:21, во натпревар од последното коло од плеј-аут фазата во Првата лига.
Двете екипи, кои на натпреварот настапија со речиси една постава, во првото полувреме имаа свои моменти, но домашната екипа беше подоминантна на теренот, иако, имаше лош старт. Избраниците на Слободан Чивлачки по неколку минути игра, поведоа со 4:1 и во уште неколку наврати беа во водство.
По предноста на Шампион од 6:5, следуваше серија на домаќините од 4:0 за водство од три гола разлика, 9:6. Астраион во последниот период од првиот дел имаше целосна контрола на резултатот и на полувреме заминa со предност од плус три, 12:9.
За неколку минути игра во второто полувреме, домаќините го зголемија водството на највисоки шест гола разлика, 16:10. Шампион немаше никаква идеја како да ги запре расположените ракометари на домашната екипа, кои во вториот дел сѐ почесто доаѓаа во позиција за гол. Во 40 минута, предноста на Астраион беше седум гола разлика, 18:11.
Победата на Астраион не беше целосно загарантирана поради падот во финишот. При водство на домаќините од 21:15, гостите со погодоците на Спирковски, Ѓорѓиевски и Дебрешлиоски, намалија на три гола негатива, 21:18. Астраион не дозволи да има пресврт, рутински ги одработи последните десет минути и со победа ја заврши сезоната во Првата лига.
Најефикасен во победничката екипа беше Марко Стојанов со 12 погодоци, додека во поразениот табор, Филип Спирковски, ги предводеше стрелците со седум гола.