По поразот од Кичево во првото коло, денескa екипата на Астраион славеше победа во дерби натпреварот против Текстилец со 21:18 во 2. коло од Групата Б во Првата машка лига. Домаќините до бодовите стигнаа со пресврт во второто полувреме откако имаа подобра завршница на средбата.
Составот на Текстилец предводен од Павле Тодоров беше постојано во водство во првиот дел и не дозволи да има неизвесност на теренот. Ракометарите на Астраион кои настапија со само 12 ракометари дадоа силен отпор против гостинскиот тим. Тоа им овозможи да ја намалат негативата од три гола и имаа шанса за целосен пресврт. Сепак, Текстилец на полувреме замина со минимална предност од 10:9.
Во второто полувреме, Астраион преку Катранџиев израмни на 11:11. Неизвесноста продолжи во преостанатиот дел кога Стојанов го донесе првото водство на својата екипа од 12:11.
Следуваше период кога се играше гол за гол и со цврста одбрана кај двата табори. Ракометарите на Астраион во последните десет минути беа подобар противник и успешно се израдуваа на првата прволигашка победа во новата сезона обезбедувајќи триумф со 21:18.
Најефикасен во Астраион беше Иванче Ончев со осум гола, додека втор стрелец беше Ристо Манчев со четири погодоци. Во екипата на Текстилец се истакна Милисав Петров со седум гола.