Астраион се прошета низ Велес

Ракометарите на Астраион во рамки од 6. коло во Првата лига беа убедливи на гостувањето во Велес кај екипата на Борец со 48:23. За Астраион ова беше втора победа во новата натпреварувачка сезона, додека Борец по шест одиграни кола сѐ уште се наоѓа на дното на табелата во групата Б без освоен бод.

Струмичани уште во воведниот дел покажаа дека ќе атакуваат на убедлива победа, откако се одлепија на 8:3 и како одминуваше времето така предноста на избраниците на Начаров растеше од минута во минута.

Домаќините единствено преку Јаневски доаѓаа до реализација, но поради кратката клупа, настапија со само 10 ракометари, немаа многу опции за да им пружат отпор на гостите од Струмица.

Веќе при резултат од 17:6 беше познат победникот на овој дуел. Екипата на Астраион на пауза замина со убедливи 14 гола разлика, 23:9.

Вториот дел повеќе наликуваше на формалност и полесен тренинг на гостите, кои не дозволија опуштање во своите редови, ги казнуваа грешките на домаќинот и предноста од првиот дел ја зголемија за конечни 25 гола разлика.

Најефикасен на натпреварот беше членот на Борец, Антонио Јаневски, кој ги постигна половина од головите на неговиот тим, односно во мрежата на гостинот реализираше 11 пати. Кај Астраион се истакнаа Васко Стојанов со осум и Илија Панев со шест гола.