Екипите на Астраион и Младост Богданци одиграа без победник 28:28 (13:13) во натпревар од претпоследното коло во прволигашкиот плеј-оф.
Екипата од Богданци веќе ги загуби шансите за 3. позиција на табелата, која носи суперлигашки бараж, па така клубот во новата сезона ќе остане во дружба на прволигашите.
Во текот на целиот натпревар, кој беше одигран во спортската сала „Парк“ во Струмица, домашниот тим имаше минимална предност, но гостите од Богданци не се предаваа и секогаш наоѓаа решение за да го израмнат резултатот.
Така беше и во последната минута кога Астраион поведе со 28:27 и пред финишот, членот на Младост, Душан Каркалашев, успеа да реализира за реми.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Астраион, Васе Наков, со 11 постигнати погодоци. Кај гостинската екипа се истакнаа Душан Каркалашев и Антонио Николоски со по пет реализации.