Екипата на Астибо во рамки од 3. коло од плеј-аут фазата во Женската лига дојде до победа на домашен терен против составот на Феникс АМС со 32:27, во натпревар каде беа забележани 14 исклучувања, три црвени картони и 10 досудени пенали.
Ракометарките на Драган Величков уште од самиот старт покажаа дека ќе ги освојат бодовите од денешниот натпревар. Феникс даде отпор само во воведниот дел кога го израмни резултатот на 2:2. Астибо направи серија од 6:0 и дојде до висока предност од 8:2.
Веќе тука беше најавена победата на домаќинките. Домашниот тим до крајот на првото полувреме ја користеше секоја грешка на противникот и на пауза замина со плус осум, 18:10.
Кратката клупа на гостинскиот тим од Битола, кој во Штип допатува со само девет ракометарки, не можеше да направи сензационален пресврт во второто полувреме, иако во одредени моменти од натпреварот покажуваше солидна игра.
Домашниот состав за неколку минути игра во второто полувреме зголеми на 20:11. Големата разлика му овозможи да има мирна завршница, но и преголемо опуштање во последниот дел од натпреварот. Во последните десет минути беа доделени три црвени картони.
Ракометарката од Феникс, Сара Илиевска, во 51. минута заработи црвен картон поради трите исклучувања. Пред самиот крај на натпреварот, двете најдобри ракометарки од домашниот состав, Марија Анчева и Драгана Стојанова, исто така поради трите исклучувања мораа да се преселат на трибините.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на Феникс, Емилијана Ризоска со 11 постигнати погодоци. Во победничката екипа прв стрелец беше Драгана Стојанова со девет погодоци.