Второпласираниот во Плеј-аутот од Супер Женската лига Астибо забележа победа против последнопласираниот тим на табелата Кузман Вардар. Астибо со победата од 40:27 се изедначи на врвот со Овче Поле Су кој сепак има натпревар помалку, додека Кузман Вардар има само еден освоен бод.
Од почетокот на натпреварот домаќинот констатно имаше предност, не беше тоа висока разлика, но ниту еднаш гостите од Скопје не успеаа да изедначат после почетните 1:1. Највисоката предност до која дојде Астибо во првиот дел беше четири гола разлика која ја имаа на два пати при водство од 10:6 и 11:7. На пауза се замина со 18:15 во корист на домаќинот.
Второто полувреме донесе уште посигурна игра на домаќините, па така предноста само растеше и набрзо стана јасно дека бодовите од оваа средба остануваат во Штип. На крајот Астибо славеше со убедливи 13 гола разлика.
Најефикасна и на оваа средба беше Анчева Марија која постигна неверојатни 15 гола додека на спротивната страна се издвојуваше Ѓорѓиева Анастасија со девет гола. Tреба да се истакне и одличната Петрушева Ангела на голот која собра 21 одбрана.