На натпреварот меѓу репрезентациите на Аргентина и Боливија беше забележан резултат кој е реткост на ракометните терени, а гаучосите дојдоа до победа од 70:8. Овој натпревар се одигра во рамки на шампионатот на Јужна и Средна Америка. На полувреме резултатот беше 36:5 за Аргентина.
Ова е само второ официјално издание на шампионатот откако беше основан во 2020 година, а првенството служи и како квалификациски турнир за следниот Мундијал, кој ќе се одржи во 2023 година во Шведска и во Полска.
Домаќин на првенството е Бразил, а покрај домашната репрезентација учествуваат и Аргентина, Уругвај, Боливија, Чиле, Костарика и Парагвај. Актуелен шампион е селекцијата на Аргентина.
И на другите две средби од првото коло имаше солиден број на голови. Бразил го совлада Парагвај со 46:19, додека Чиле се избори за победа од 34:16 против составот на Костарика.
Шампионатот на Јужна и Средна Америка стартуваше на 25 јануари, додека финалниот ден е закажан за 29 јануари. Најдобрите четири селекции од овој шампионат ќе обезбедат место на Светското првенство во 2023.