Аргентина изненадена од Романија пред Мундијалот

 

Противникот на Македонија од групата на Светското првенство, Аргентина загуби попладнево од Романија со 31:26 (18:11) на турнирот што се игра во шпанскиот град Бенидром во рамки на меморијалниот турнир „Доминго Барценас“. Инаку, Романија беше елиминирана во баражот за Светското првенство токму од Македонија.

Романците имаа водство во текот на целиот натпревар, а решавачката предност ја направија во финишот на првиот дел кога предноста од два разлика ја зголемија и на полувреме беше +7 (18:11). На стартот на вториот дел Романија имаше и двоцифрена предност од 23:13, а до крајот на дуелот Аргентина успеа само да го ублажи поразот.

Ова беше натпревар од 2.коло од овој турнир каде Аргентина вчера го совлада Бахреин со 31:27, а утре ќе игра против домаќинот Шпанија. Вечерва играат Шпанија и Бахреин.

На Новогодишниот турнир во Катовице на програмата се дуелите од 3.коло, а Иран предводен од селекторот Веселин Вујовиќ го победи Мароко со 29:28 во неизвесна завршница откако Мароко изедначи во последната минута на 28:28. На полувреме Иран водеше со 14:13 и токму тој еден гол разлика се покажа решавачки.  Со триумфот Иран го освои третото место на турнирот, а Мароко е последен. На последниот натпревар од турнирот за првото место вечерва ќе играат Полска и Белгија.

Во дуелот на двете африкански селекции кои ќе играат на Мундијалот, Тунис го победи Алжир со 29:23. Ова беше втора победа за Тунис над истиот ривал откако пред два дена славеше победа со 32:30.