Ракометарките на Астибо ја забележаа првата победа во новата сезона од Женската лига, откако на домашен терен славеа против Кузман Вардар со убедливи 18 гола разлика, 38-20.
Каков ќе биде исходот од овој натпревар беше јасно уште по првите неколку минути кога Астибо поведе со 6-0. По 7-2, уште една серија на избраничките на Дејан Величков за 13-2 и до крајот само ги броевме головите, најчесто во мрежата на Кузман Вардар.
На пауза се замина со плус 13 за штипјанки, 19-6. Вториот дел беше само формалност, поставите се измешаа на теренот, но тоа не донесе ништо ново во поглед на резултат и Астибо без проблем ги запиша бодовите.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Марија Анчева со 14 и Викторија Ананиев со осум гола, додека одлична беше и Ангела Петрушева на голот. Кај Кузман Вардар се истакна Елеонора Додевска со пет погодоци.