Екипата на Вардар има пет бода од четирите одиграни средби во Лигата на шампионите на кои беa забележани две победи, реми и пораз. Против утрешниот ривал ракометарите на Вардар во Скопје забележаа триумф од 30:28 и таа победа покажа дека вардарци можат против секого сезонава.
Пред утрешното гостување и ракометарите се во позиивно расположение така што очекуваат убав резултат.
„Алборг бара победа, но и ние тука се прашуваме. Добро се подготвувавме за овој натпревар и го слушаме шефот што ни кажува. Ќе биде многу интересен натпревар. Доживеавме ладен туш против Монпелје што е и добро да добиеме таква шлаканица и да се разбудиме“, вели Анте Кудуз кој пред една недела го одигра првиот официјален натпревар за Вардар после повредата.
Сега во Данска натпреварот ќе биде далеку поинаков од оној што беше одигран во Скопје. Оттаму ќе биде доста поинтересно така што ќе нема простор за опуштање.
„Секој натпревар е различен. Сигурно многу подобро се подготвени за нас. Знаеме како играат, а и тие знаат како играме ние. Нема да има поголеми изненадувања, но очекувам цврст и борбен натпревар“, коментираше Кудуз.
Натпреварот се игра утре во Данска со почеток во 18:45 часот.