Дуелот од петтото коло во Лигата на шампионите во Скопје го доведе португалскиот шампион Порто. Вардар и Порто одиграа изедначен дуел кој во последната секунда заврши со реми 25-25, сепак она што го одбележа овој натпревар беше и дуелот на двата македонски репрезентативни голмани.
Никола Митревски од оваа сезона е член на Порто, а по феноменалниот меч минатата недела оваа во Скопје повторно ја покажа својата класа. Меѓу трчањето од голот до клупата и назад, при динамична транзиција на „7 на 6“ напад, Митревски имаше одлични интервенции, клучни зицери и 35.48% успешност при одбрана на обидите од „црвено-црниот“ напад.
На спортивната страна, меѓу стативите на Вардар беше неговиот постар репрезентативен колега Борко Ристовски кој исто така имаше одличен ден. Помогнат од високата одбрана на Вардар, Ристовски собра 18 интервенции со 40.91% успешност во одбранетите удари. Покрај одбраните, Ристовски благодарение на добрата игра во одбрана на домашните ракометари, и празниот гол на противникот, успеа да запише и 4 погодоци зад своето име. Сепак не ја сочува својата мрежа при последниот обид на Порто, а голот на Антонио Ариа Родригез од тешка позиција им донесе бод на гостинските ракометари.
Селекторот Брестовац сигурно ќе го радува добрата форма на македонските голмани, а кој имаше подобар настап на овој дуел, ќе оставиме да одлучите сами…