Тимот на Пролет успешно финализираше уште едни преговори, па чуварот на мрежата Андреј Петковски ќе остане и следните две сезони.
Петковски пред две сезони дојде во Пролет и прикажуваше добри игри, а ланската сезона формираше одличен тандем заедно со црногорскиот интернационалец Михаљевиќ.
Управата на клубот имаше зацртана цел да ги задржи двајцата чувари на мрежата, и успеа во таа намераа со договорите потпишани најпрвин со Михаљевиќ, а сега и со Петковски.
„Презадоволни сме од развојот на Петковски во нашиот клуб, партиите што ги прикажува и професионалноста на тренинзите и на натпреварите. Како клуб сме горди на голманскиот тандем што го имаме, веруваме дека од Петковски и од Михаљевиќ ќе добиеме значајна поддршка и во новата сезона, во која повторно ќе атакуваме на висок пласман“, изјави директорот на Пролет, Сашо Огњеновски.
Пролет продолжува со потрагата по нови засилувања, а предвидено е до почетокот на подготовките на тимот да му се приклучат двајца нови ракометари.