Андоновски: Ќе се бориме до последен здив за секоја топка

Веројатно никој пред стартот на Суперлигата не се надеваше дека ќе има ваква завршница, па дури три екипи до последното коло ќе се борат за влез во плеј-офот. Победи, порази, по некое реми, екипите ги броеа последните шанси, па така еден натпревар за секоја екипа од сите три, ќе биде одлучувачки.

Прилеп, Еурофарм Пелистер 2 и Тиквеш се екипите кои се надеваат на победа и место во плеј-офот. Младиот ракометар на Прилеп, Даниел Андоновски, очекува борба за секоја топка и борба до крај против битолскиот тим.

„На последниот натпревар од есенската полусезона од Суперлигата очекувам многу броба. Искуството е на нивната страна, но ние ќе се бориме до последен здив за секоја топка и се надевам дека ако одиграме како на натпреварот со Бутел, имаме шанса да победиме. Еурофарм Пелистер 2 се најопасни од нивната бековска позиција бидејќи таму имаат голема ротација“, вели Андоновски за 24Ракомет.

Андоновски е ракометар од кој многу се очекува во иднина. Тој е син на поранешниот репрезентативец и екс тренер на Охрид, Горан Андоновски, кој сега го насочува Даниел на ракометниот пат. Даниел потекнува од тимот на Охрид, потоа играше како позајмен во Вардар Јуниор, но не добиваше голема минутажа, па се реши за трансфер во Прилеп.

„Мојот татко ми ја вроди љубовта кон ракометот, како што неговиот татко ја вродил во него, и уште од тогаш знаев дека долго ќе се занимавам со спортот. Во екипата на Вардар Јуниор бев како позајмен играч бидејќи со промените во Охрид  добивав многу мала минутажа. Во Скопје првпат започнав да играм како стартер во нашата најсилна лига и собирав големо искуство. По истекувањето на позајмицата се преселив во Прилеп. Екипата на Прилеп ми се допадна бидејќи е млада амбициозна екипа предводена од неколку искусни играчи и тренерот, Горан Кузманоски, кој има огромно ракометно искуство. Во Прилеп се адаптирав одлично“, продолжува Андоновски.

Горан му е голема поддршка. Без разлика дали прикажува лоша или добра партија, секогаш е тука да го советува, но и да го мотивира за подобро издание во следниот натпревар.

„Мојот татко е мојата најголема поддршка. Секогаш е реален со мене. Кога ќе одиграм лошо тој е првиот што ми кажува и заедно ги анализираме грешките. Дури и на моите најдобри натпревари ме мотивира да бидам подобар со цел да станам врвен ракометар како него“, продолжува Даниел.

Бидејќи образованието е од голема важност за секој спортист, Андоновски, запиша студии на универзитетот во Битола, и ја одбра студиската програма – нутриционизам. Смета дека исхраната игра голема улога во успехот на еден спортист.

„Студирам на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола на насока нутриционизам. Мислам дека исхраната е главниот фактор за успех на еден спортист и се надевам со знаењето кое ќе го соберам од таму ќе можам да имам долга кариера“, завршува Андоновски.