Андоновски со победа се врати на клупата – Охрид пак во игра за Европа

Охрид се враќа во игра за место што води во европските купови откако со 26-21 (12-10) го победи Еурофарм Пелистер во 8. коло од плејофот. На клупата на „рибарите“ се врати и тренерот Горан Андоновски кој минатата недела на полувреме од домашниот дуел со Бутел беше пренесен во болница откако му се слоши. Сега Охрид има 9 бода, и изби на петтото место на табелата со заостанување од само еден бод во однос на Тиквеш.

Охриѓани врзаа два меча со триумф со што пак се во игра за место што води во европските купови, што е целта на тимот. Но, до крајот на првенството ќе мораат да играат на победа на секој меч, и веројатно клучeн ќе биде домашниот дуел против Тиквеш планиран за 15 април. Им се отвори патот да стигнат до четвртото место на табелата, но за тоа место свои математики имаат и екипите на Бутел и на Еурофарм Пелистер 2. Теоретски сите можат да стигнат до тоа четврто место на кое сега е Тиквеш.

Битолчани останаа на 7 бода на табелата, исто колку и Бутел. Пролет има 5 бода, но и меч помалку (утре игра со Вардар).

Се до почетокот на второто полувреме гостите од Битола беа во игра, имаа резултат со кој постојано му „дишеа во врат“ на домаќинот. Само што почнаа вторите 30 минути од средбата Богдан Мијушковиќ со два гола, на двапати намали на „минус 1“ (12-11 и 13-12). Потоа следуваше серија на Охрид со која прво зголемија на 16-12, а потоа следуваше уште една серија за водство 22-14 во 48 минута со 10. гол на Гал Цицар. Тоа беше период од мечот во кој веќе беше решен победникот.

До крајот на средбата Охрид ја задржа предност со која си ја отвори можноста да биде во Топ-4, и го „затвори“ мечот со триумф од 26-21.

Во првото полувреме Еурофарм Пелистер неколкупати имаше и водство, но во завршниот дел домаќините направија пресврт и првпат имаа водство од два гола, што на полувреме беше 12-10.

Словенецот Гал Цицар со 12 гола беше најпрецизен кај Охрид, а петгол апостигна пивотменот Владимир Бојаниќ. Кај гостите од Битола, по четири голови дадоа Мртин Ивановски и Богдан Мијушковиќ

Во следното коло Охрид гостува кај Вардар, а Еурофарм Пелистер 2 е домаќин на Бутел.