Екипата на Охрид е пред нов предизвик во плеј-офот од Супер лигата. Во 8. коло од разигрувањето во Охрид гостува Еурофарм Пелистер 2.
Средниот бек на охриѓани, Даниел Андоновски, вели дека после победата над Бутел во претходното коло атмосферата во екипата е на високо ниво и ќе атакуваат на победа и на овој дуел.
„Победата над Бутел многу ни значеше за да ја вратиме самодовербата, како играчи и како екипа. Против Еурофарм Пелистер 2 повторно очекуваме позитивен резултат. Тие се една одлична екипа, доста млада, која игра многу брз и динамичен ракомет, исто така се многу агресивни во одбраната. Ние ако ја повториме играта во одбрана што ја изигравме на првиот натпревар во Битола и на претходниот натпревар со Бутел мислам дека ќе стигнеме до тие три бода. Исто така ако ја имаме истата помош од голманите како што ја имавме кога игравме во гости, тогаш ќе биде многу добро за нас. Мислам дека ако извојуваме нова победа ќе влеземе во трката за местата кои водат во Европа“, изјави Андоновски.
Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер 2 се игра во сабота, 8 април, со почеток од 19:00 часот, во спортската сала „Билјанини извори“.