Ракометарите на Охрид и тренерот Горан Андоновски си го одржаа зборот од пред неколку дена кога најавија дека на Вардар нема да му биде лесно на гостувањето во Охрид.
Домашните дадоа силен отпор, но на крајот сепак се радуваше македонскиот првак кој победи со 27-22. Тренерот на Охрид, Горан Андоновски вели дека нема за што да се жали и дека неговиот тим е на добар пат.
„Јас и пред мечот кажав дека Охрид ’скапо ќе ја продаде кожата’. Нема за што да жалиме, охридската публика виде дека се на добар пат и ништо не ни преостанува освен да продолжиме понатаму и да стигнеме до плеј-оф, па да се надеваме на некое изненадување. Во 48 минута беше нерешено, потоа промашивме некои зицери, но јас сум задоволен од моите момци како се борат и како тренираат. Охрид покажа дека е одлична екипа“, вели Андоновски.
Следен предизвик за Андоновски и за неговиот тим ќе биде гостувањето кај составот на Струга во езерското дерби.