Андоновски: Кратката клупа на Вардар може да биде наша шанса за победа

Ракометарите на Охрид во сабота на домашен терен, во рамки на петтото коло од Супер лигата, го пречекуваат двократниот европски шампион и актуелен шампион на Македонија, тимот на Вардар.

Капитенот на охриѓани, Крсте Андоновски, кој водел многу битки на теренот со скопскиот тим, вели дека фаворитската улога е на страната на Вардар, но на нив е да играат и доколку им се пружи шанса да ја искористат и да забележат позитивен резултат.

„Наше е да играме, и сигурно нема лесно да се предадеме. Се надевам дека ќе изиграме еден добар натпревар и ако ни се пружи шанса се надевам и дека ќе ја искористиме. Вардар не е на рамниште како што беше пред две-три сезони, но сепак има неколку искусни играчи, целата прва постава е навистина квалитетна, играчи кои имаат освојувано шампионски титули. Фаворитската улога нормално е на нивна страна, но ние играме до крај, ќе дадеме максимум и се надеваме на поволен резултат“, изјави Андоновски.

Тој шансата на охриѓани за победа ја гледа во кратката клупа на Вардар.

„Се надеваме дека тука е нашата шанса, преку брза игра да ја измориме на некој начин првата постава на Вардар и да се обидеме да извојуваме победа“, додава капитенот на охриѓани.

Натпреварот помеѓу Охрид и Вардар ќе се одигра во салата „Билјанини извори“ со почеток во 19:30 часот.