Екипата на Тиквеш дојде до нова победа, а за тренерот Горан Андоновски ова е три од три после враќањето на клупата на кавадарчани.
Денеска тимот на Тиквеш победи со 30:26 на гостувањето кај Скопје 2020, па Андоновски има причина за да биде задоволен од направеното.
„Дојдов во момент кога Тиквеш имаше три бода. Во Супер лигата нема слаба екипа и со сите мора да се одигра максимално за да се добие натпревар. Направивме голем пресврт и резултатите ни одат во наша полза. Влеговме меѓу кандидатите за плеј-оф што не бевме пред две недели. Сега можеме да продолжиме максимално. Тиквеш за сите ќе биде тежок противник. Внесов некоја енергија во играта и ги поставив работите како што мислам дека треба да бидат поставени. Играчите ме слушаат и имаме добра координација и секако добра игра“, коментираше за 24 Ракомет, тренерот Горан Андоновски.
За денешниот противник смета дека Скопје има состав кој може да победува, но неискуството е причина во клучните моменти да се попушти.
„Екипата на Скопје на сите натпревари на домашен терен се држеше до крај. Така беше и со Пролет и со Прилеп, така беше и денеска. Натпреварите ги губи само поради неискуство така што очекувавме тежок дуел. После победата во Битола ни беше тешко да се мотивираме денеска, но успеавме. Три бода се три бода, а сега ја пречекуваме Струга. Со 15 поени ќе бидеме многу горе“.
Со трите победи во серија кои ги направија под водство на Андоновски, Тиквеш дојде до вкупно 12 поени и сега е на позиција до местото кое води во плеј-офот, но со бодови кои даваат надежи за уште подобра позиција на табелата.
„Ми беше притисок кога дојдов со три бода на натпреварот против Прилеп. Се вратив во Кавадарци, но одработивме маестрално и потоа сè беше подобро. Имам добра соработка, Се враќаат играчи кои беа заборавени за Македонија како Дрогришки и Трпчевски. И двајцата имаат што да покажат. Со добра ротација сите ќе имаат проблеми со Тиквеш“, изјави Аноновски за 24 Ракомет.
Тиквеш има четири победи од досегашните осум дуели. Губеше од Охрид, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје и Пролет, но ги совлада Металург, Еурофарм Пелистер 2, Прилеп и денеска Скопје така што допрва ќе се развива борбата за подобри резултати. Ако се има предвид дека против Охрид, Бутел Скопје и Пролет ќе има дуели на домашен терен во вториот дел од сезоната може д се очекуват уште бодови за кавадарчани и интересно продолжение на шампионатот.