Претпоследното коло од регуларниот дел во Супер лигата кое на програмата е викендов, ни го носи езерското дерби помеѓу Охрид и Струга.
Двобојот помеѓу овие две соседски екипи секогаш носел неизвесност, драма и борба до последната секунда. Така беше и на последниот дуел одигран во Струга, кога охриѓани со пресврт во последните минути од натпреварот успеаја да слават со 24:22.
Капитенот на Охрид, Крсте Андоновски, кој заедно со Иван Тасески е еден од најискусните во тимот, кој низ годините водел многу битки на теренот и знае што значи набојот на овие дерби натпревари.
Тој вели дека тие влегуваат како фаворити и се надева дека овој пат полесно ќе го добијат натпреварот.
„Секој пат овие натпревари сами по себе носат тежина поради ривалството на двата соседни града. Мислам дека сме подобри, ја имаме фаворитската улога, успеавме да ги добиеме на гостински терен, се надевам дека полесно ќе ги совладаме на домашен терен. Потребно е мотивирано да влеземе во натпреварот и да бидеме концентрирани до самиот крај, бидејќи овие натпревари често знаат да се решаваат и во последните минути, често се изедначени и неизвесни, но јас се надевам дека за разлика од натпреварот одигран во Струга, овој пат полесно ќе извојуваме победа и порано ќе го решиме победникот“, изјави Андоновски.
Охрид со скор од 7 победи, 5 порази и освоен 21 бод, е на 4. Место на табелата, додека Струга едно место подолу со 16 бодови и скор од 5 победи, 1 нерешен и 6 порази.
Натпреварот помеѓу Охрид и Струга се игра во сабота, 3 декември, во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток од 18:30 часот.