После важната победа над Тиквеш, екипата на Охрид е пред нов предизвик во плеј-оф фазата од Супер лигата.
Во петок ракометарите на Горан Андоновски гостуваат кај тимот на Алкалоид, кој на трите досега одиграни средби излегуваше како победник.
Капитенот на охриѓани, Крсте Андоновски, фаворитската улога ја препушта на домаќинот, но најавува максимална борба во битката за бодови.
„Во петок не очекува натпревар против екипата на Алкалоид, која што е навистина квалитетна екипа во која настапуваат 80% од репрезентативците на Македонија и се предводени од легендата на македонскиот ракомет Кирил Лазаров. Фаворитската улога ја имаат тие на овој натпревар, но сметам дека и ние имаме свои шанси бидејќи играме се’ подобро и бележиме добри резултати во последниот период. Атмосферата во екипата е на високо ниво и ако ја повториме играта, особено во одбрана од изминатите натпревари ќе одиграме еден возбудлив и неизвесен натпревар”, изјави Андоновски.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Охрид се игра во петок, во 19:00 часот, во спортската сала “Автокоманда” во Скопје.