Ангелески го водеше Прилеп до втора победа во плеј-аутот

Ракометарите на Прилеп предводени од голманот Иван Ангелески на свој терен триумфираа против составот на Струга со 31:28 и ја забележаа втората победа во борбата за опстанок во македонската елита. За Струга ова е веќе трет пораз во низа во плеј-аут фазата.

Гостите од Струга со голот на искусниот Јанкуловски го отворија натпреварот со водство од 1:0. Ракометарите на Прилеп врзаа два гола во низа, поведоа со 2:1 и до средината на првиот дел беа во минимална предност, но не поголема од еден гол разлика. По нерешените 6:6, домаќините преку Шокоски и Бикоски за првпат дојдоа до ,,плус два” 8:6, додека во 15 минута зголемија и на три гола разлика, 10:7.

Следуваше период, во кој домашниот тим на кратко имаше поголема контрола на тернеот. Избраниците на Ферукоски пред финишот на првиот дел се вратија во игра и направија комплетен пресврт. Беше 13:11 за составот на Прилеп во 20 минута, но гостите успеаја да израмнат на 13:13.

До крајот на полувремето се играше гол за гол и имаше голема борба за секоја топка. Откако беше 15:15, Ѓуровиќ реализираше за водство на Струга од 16:15. По 30 минути игра, гостинскиот состав на пауза замина со предност од 17:16.

Во продолжението двете екипи го забрзаа ритамот и постигнаа неколку гола во серија. Прилеп клучната разлика ја направи кога од 22:21 замина на 25:21 во 45 минута, период во кој гостите не успеаја да најдат лек за бековската линија на Прилеп. Струга предводена од Бугариновиќ не се предаваше и во 48 минута намали на гол негатива, 26:25.

Сепак, екипата на Струга во моментите кога посакуваше да направи камбек, исклучување заработи Бугариновиќ, а домаќините ја искористија предноста со играч повеќе и со два гола во низа се одлепија на 28:25 во 50 минута. Гавашелишвил на речиси седум минути пред крајот со својот трет гол зголеми на 29:25 и тука згасна надежта на гостите за евентуален пресврт.

Најефикасен во победничката екипа беше Давор Шокоски со седум погодоци, по шест постигнаа Христи Бикоски и Уча Гамзардија. Кај Струга се истакна Петар Бугариновиќ со седум погодоци.