АНАЛИЗА: Шведска може до медал, Шпанија има премногу измени

Шест групи за шест поранешни селектори на Македонија. Стефановски беше дел од првата селекција на Македонија која дебитираше на Европските првенства во 1998 година, но како играч. Една година подоцна во нова улога како селектор ја водеше Македонија на Мундијалот во Египет, кога на големите натпреварувања дебитираше сегашниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров. Стефановски имаше тренерска кариера и беше на клупата на неколку екипи од Македонија, а во моментов е дел од тимот на Еурофарм Пелистер, каде што има улога на координатор на младинските школи. Стевче Стефановски ја анализира групата Е.

Според имињата на репрезентациите во Групата Е, Шпанија, Шведска, Чешка и БиХ ова ќе биде интересно надигрување. Во оваа четворка, БиХ е селекција со најнизок рејтинг, но никако не може да се каже дека не е опасна.

На прв поглед кај познавачите на ракометот може да се дојде до впечаток дека тука ќе се наоѓаат и медалисти. Гледајќи ги составите, сепак, нема да биде така лесно бидејќи и Шведска и Шпанија имаат одредени измени. Затоа не би рекол дека ќе може да се дојде до тронот, но никогаш не велам не. Станува збор за велесили во ракометот и сигурно ќе имаат што да покажат и во ваков состав.

Со Готфридсон на терен, Шведска може сè

На овој шампионат селекцијата на Шведска доаѓа без дел од клучните ракометари. Ги нема ветераните Апелгрен, кој значи многу за тимот и Ду Риц, кој исто така имаше голема улога. Нивниот „тренер“ на теренот и алфа и омега во екипата, Готфридсон ќе биде тука. Многу нешта ќе зависат и од селекторот Солберг, од тоа како ќе ја постави играта, а многу работи ќе зависат и од физичката подготвеност на Готфридсон.

Во селекцијата на Шведска не недостига квалитет и талент. Доказ се младите ракометари Карл Валиниус од Монпелје, Мелер од Савехоф и Јохаснен од Елверум. Оние кои редовно ги следат натпреварите послабо ги знаат играчите од Савехоф и Елверум, но добро ги знаат оние од Монпелје.

Не смее никако да се заборави на Паличка и Јоханесон со оглед на тоа што од нив се очекува да понесат голем товар на голот. На лево крило се Ване и Пелас. Хампус Ване е извонреден играч и реализатор. Невeројатно е брз. Тој е редовно ударна игла во контранападот.

Левите бекови Валиниус и Јохансен имаат квалитет и младост. Клар е замена за Готфридсон, но не е ништо понеквалитетен од него. Сепак, предноста за Готфридсон е во неговото искуство. Воедно многу често може да се види како тој држи и тајм-аут. Тоа го прави и во репрезентацијата и во Флензбург што доволно зборува за неговите квалитети.

На десен бек се Лагергрин и Сандел. Можеби Лагергрин е прв избор, но ракометарот на Алборг, Лукас Сандел не е за потценување. Кога на нив ќе се додаде и искусниот Екберг и десното крило на Магдебург, Даниел Петерсон се добива одлична постава со барем по двајца на секое место.

На пивот имаат играчи кои играат во два правци. Тоа е голема предност бидејќи покрај тоа што се во напад имаат улога и на носители во одбраната. Затоа овој состав е одличен. Загуби со неиграњето на ветераните, но располага со одлични играчи и извонреден квалитет на секоја позиција. Оттаму верувам дека може да стигне далеку.

Очекувам репрезентацијата на Шведска да одигра 6-0 одбрана од 50 до 55 минути на натпревар. Тоа е активна 6-0 одбрана со излагање и надвор од девет метри. Ракометарите имаат квалитет, брзина и младост и се опасни. Кога на оваа одбрана ќе се додадат и голманите Паличка и Јоханесен се добива уште поголема цврстина. Со такви голмани доколку се знае да се одигра квалитетно 6-0 одбрана, а Швеѓаните тоа го знаат тогаш тоа е голема предност. Оваа одбрана е традиција уште од времето на Бент Јохансен, кога беше усовршена. Додека другите се обидуваа со други одбрани, Јохансен ја усоврши оваа одбрана. Затоа тешко се менува во друга. Тоа може да се случи доколку некој успее да ги разбие.

За време на натпревар го користат целиот ростер што го имаат. Зависат многу од Готфридсон, а транзицијата главно оди преку него и Ване. Главно преку Ване завршуваат контрите, но никако не смее да се заборави и на Екберг. Двете крила се ракометни убијци.

Полуконтрата обично ја води Готфридсон доколку селекторот не одлучи да го одмора во одбрана. Ова никако не значи дека е лош одбранбен играч туку напротив го штеди за да го има посвеж во напад бидејќи тој е најсигурниот играч и преку него оди сè. Традиција е да се игра брзо и извонредно технички. Тоа е карактеристика за Скандинавците кои се технички беспрекорни и не се предаваат никогаш. Доколку имаат свој ден тогаш можат до победа против секого и можат да стигнат далеку.

Како ќе „дува“ фуријата без Ентрериос, Сармиенто, Душебаеви…

Селекцијата на Шпанија во оваа група е втора, но не според квалитетот, туку според бројот на титулите на Европските и светските првенства. Едвај чекам да почне првенството за да можам да видам како оваа селекција после толку време ќе функционира без Раул Ентрериос и Дани Сармиенто на среден бек. Како ќе функционира и без еден од најдобрите дефанзивци Виран Морос, без Агинагалде кој е еден од најдобрите кружни напаѓачи во светот… Ќе ги нема и Алекс и Даниел Душебаеви. Без Алекс ќе биде навистина тешко бидејќи тој ќе недостига многу во играта на Шпанците. За Раул Ентрериос не треба да зборувам ништо посебно, тој е легенда на шпанскиот ракомет, а добро е познато и тоа како се надополнуваше на теренот со Сармиенто. Раул беше реализатор и шутер, додека со влегувањето во игра на Сармиенто тимот добиваше на брзина, на интуиција… Двајцата извонредно се надополнуваа. Сите познавачи добро знаат кој беше за оваа селекција и Виран Морос и каков бедем беа со Гвардиола.

И за Шпанија важат голем дел од работите кажани за Шведска. И тука ќе недостигаат ветераните, но затоа нема да недостига талент. Селекцијата е спој на искуство со младост. Искуството ќе се види преку Македа, Гурбиндо, Гвардиола, Канељас… Перез де Варгас и Коралес се одличен голмански тандем, кој исто така поседува огромно искуство. Сите тие ќе ги предводат младите Песина, Одризола, Маркез… Ќе ги запаметиме после ова првенство. Имаaт талент, но им недостига искуство. Затоа тука имаат искусни соиграчи кои ќе им помогнат за тој талент да може да се преточи во искуство на теренот особeно на тешките средби на ваквиот тип на натпреварување.

Кога јас би бил селектор на Шпанија би било проблематично како да го составам тимот кој би играл на ова првенство. Со Македа и Гурбиндо на десен бек, со Гвардиола и Канељас во одбрана. Со нив се губи од брзина и без Алекс Душебаев играта ќе биде забавена. Се намалува убиствената моќ без играњето на Агинагалде, а тој и Ентрериос можеа да играат и со врзани очи. На поставена одбрана топките редовно одеа на линијата од шест метри. Сега ќе недостига многу и некој ќе мора да го замени Агингалде.

Ќе мора да се истакнат други квалитети. Шпанија очекувам да игра исто како и Шведска одбрана 6-0, но најопасната формација е 5-1 и верувам дека ќе биде користена доста време. Не знам кој би одиграл напред од овој состав. Канељас е побавен на нозе и тешко би можел да издржи тука. Треба некој кој ќе биде подобро подготвен. Сепак, тука има и еден друг момент. Ако Канељас игра преден, а Гвардиола зад него тогаш многу лесно ќе може да дојде до трансформација на одбраната од 6-0 во 5-1 и обратно. Секако секој селектор знае најдобро што планира и си ги задржува модификациите. Кога ќе играат 6-0 нема да играат со излез на 2 и 5, што вообичаено го играат другите репрезентации. Тие играат класично од 1 до 6 со силна дуел игра на средина.

Контранападите им се редовно добра страна и се преку извонредно брзите крила. Доколку Де Варгас и Коралес имаат ден, двајца од најдобрите голмани во светот, тогаш Шпанија може против секого. На поставена одбрана Шпанците може да имаат проблеми против Шведска и другите. Гледајќи го составот ќе се соочат со тешка задача и проблеми да успеат да ја пробијат одбраната на противниците. Воедно за сите ќе биде енигма до каде Шпанија ќе може да дотурка на овој шампионат.

„Новата“ Чешка е непознаница

Првото што ми паѓа во очи е новиот селектор. Тртик е дебитант на едно европско натпреварување, а добро знаеме дека европското првенство е многу посилно и поквалитетно од светското првенство. Нема време за одмор и вклопување во од, па доколку колата тргне надолу ништо не ја запира.

На ова првенство ќе го нема Хорак од Кил. Нема да играат и други поискусни ракометари, кои беа носители. Јан Филип и Даниел Кубеш беа одличен тандем на клупата на Чешка и сега ќе видиме како ќе се снајде нивниот наследник Тртик. Во тимот има една ѕвезда, Кашпарек, десниот бек од Мешков Брест.

Како поискусни во овој тим може да се истакнат Бабка, Чик, Мрква… Малку од ракометарите играат во елитен клуб. Единствено оние кои се дел од Мешков Брест. Другите ракометари се во помалку познати клубови, но тоа не значи дека се и помалку квалитетни. Мојата индиција како тренер е да се направи колектив и доколку Тртик успее во тоа единственото да го спои во тим, тогаш може да направи добра работа. Има материјал за ова, но ќе се види како ќе функционираат работите во текот на самото натпреварување.

Мрква е голман кој е сигурен, додека Бабак и Чик се квалитетни и искусни играчи. Кашпарек е разбивач, но му требаат три чекори за залет пред шутот. Чешка со Јан Филип играше брз и модерен ракомет, со брз проток на топка и знаеја да изненадат и многу посериозни репрезентации.

Тртик продолжи со она што го затекна од своите претходници и би можел да направи солидна репрезентација. Не би се впуштал во прогноза кога e Чешка во прашање. Знаејќи ја традицијаа никој не смее да ги потцени Чесите. Сепак, доколку ги гледам составите на Чешка и БиХ тука би им дал мала предност на Босанците.

Атмосферата е да биде проблем, но Периќ е надежта

Селекцијата на БиХ уште се бара, а изгледа и Ивица Обрван. Има непријатна ситуација меѓу Обвран и Паниќ. Тој е одличен играч кој многу ќе и недостига многу на репрезентацијата на овој шампионат. Паниќ се наоѓа на списокот, но е скаран со селекторот и додека Обрван е на клупата нема да игра.

Главни играчи во составот на БиХ се браќата Буриќ. Голманот Бењамин е извонреден, кој доколку има свој ден тогаш сè може да се случи на теренот во 60 минути. Пивотот Сењамин исто така е одличен. И неговите колеги од пивотменското место Врањеш и Граџан се исто так играчи за респект. Врањеш е висок играч од два метри кој е бедем во одбраната, но и добар во нападот. Граџан игра во Еурофарм Пелистер и одлично го познаваме колку може. За Јосип Периќ доколку речам дека годинава беше најдобриот играч во Лигата на Европа веќе е многу кажано. Доколку не е најдобриот тогаш е меѓу најдобрите. Терзиќ е еден од столбовите во одбрaната. Доволно за никој да не смее да ги потцени и јасно е БиХ може да биде многу опасна репрезентација. Сепак, се чини дека атмосферата може да биде проблем и сè ќе зависи од тоа како ќе се склопат коцките.

БиХ веројатно ќе игра 6-0 во одбраната, која Обрван ја обожава, иако тој во кариерата играше 3-2-1, но прашање е дали со играчи кои се на залезот на кариерата како Прце, Терзиќ.. може да игра таква одбрана 60 минути и на сите средби. Со Буриќ на гол верувам дека ќе може, но останува да го видиме тоа откако ќе почне првенството.

Босанците немаат никакво искуство на европски натпревари. Слушам и дека односите меѓу селекторот и играчите не се најскладни. Дали е вистина или се само зборувања ќе се види на Европското првенство. Ако е вистина тогаш има страшен проблем. Од искуство знам дека тоа не смее да се случи на големите натпреварувања, не смее да нема кохезија меѓу играчите и стручниот штаб без оглед на квалитетот кој несомнено го има.

Во составот на БиХ има две одлични крила кои се многу брзи во контранападот, а многу работи ќе зависат и од Периќ. Дури 90 проценти ќе зависат од него, дури и тоа како ќе изгледа контранападот. Сигурен сум дека тој ќе ги води и контрите и полуконтрите, а во одбрана ќе игра краен. Ќе биде доста опасен и додека дели топки. Секако другите селектори не спијат и имаат противигра. Сепак, очекувам Периќ да ја одржи формата која ја има и во Еурофарм Пелистер.

*                             *                             *

Шведска без проблем ќе ја помине групата, да не речам и Шпанија. И двете селекции имаат квалитет, но и многу измени затоа особено за Шпанија не можам да бидам најсигурен. Со оглед на традицијата и квалитетите, долгогодишното присуство на светските натпреварувања реално е двете репрезентации да одат во втората рунда. Сепак, нема да ја исклучам и БиХ гледајќи ги имињата на играчите кои Обрван ги има на комплетниот список. Чешка е многу непозната.

Oд оваа група очекувам најдалеку да стигне селекцијата на Шведска. Многу ќе зависи и од имињата на противниците и од вкрстувањето во следната фаза. Мислам дека Шведска може барем до полуфинале.