АНАЛИЗА: Франција и Хрватска се фаворити, но Србија се „разбуди“…

Шест групи за шест поранешни селектори на Македонија. Еден од најтрофејните селектори во светот, Лино Червар во 2003 година го направи огромниот подем со Хрватска кога стигна до златото на Мундијалот во Португалија. Потоа се редеа успеси со години, при што освојуваше медали и на Олимписките игри и на европските првенства. Во 2009 година дојде во Металург и осум години беше на клупата на тимот од Автокоманда со кој почна да ја освојува Европа. Беше селектор на Македонија на крајот од 2016 и почетокот на 2017 година. Си замина откако доби понуда одново да се најде на клупата на Хрватска, која ја водеше до Мундијалот во Египет. Лино Червар ја анализира групата Ц.

Корона вирусот влијаеше многу на спортот, посебно на ракометот, а тоа се виде и на Светското првенство во Египет во јануари, а се гледа и во Лигата на шампионите. Oд оној момент кога рекоа дека можеме да тренираме само надвор, никако да не влегуваме во сала, овде во Хрватска, сè помалку деца тренираат ракомет. Друго што забележав е и дека за целото ова време со короната, помалку се тренираше и падна квалитетот на ракометната игра. Тоа сè се гледа. Погледнете кој било клуб во ЛШ, како да паднале едно 20-30% во квалитетот. Тоа мора да се земе предвид

Тоа се виде и на СП во Египет, можеби ќе се види и на претстојното Европско првенство така што големо прашање е дали ќе добиеме вистински прваци и вистински победници на овој шампионат. Зошто? Погледнете ја само ситуацијата во Египет каде што бев и јас со репрезентацијата на Хрватска. Македонија на 24 часа пред почетокот на првенството не знаеше дали ќе игра на првенството или не. Најголема грижа беше како момците ќе стигнат, дали ќе најдат авионска конекција. Така беше. Имаше неколку земји кои го напуштија Мундијалот или поради коронавирусот или не знам поради што, така што испадна дека Светското првенство мораше да се одржи затоа што тоа било наредено во Египет дека мора затоа што тие вложиле средства, изградиле сали… Тоа СП се одржа под сила. Тоа се само неколку показатели дека коронавирусот најмногу го погоди ракометниот спорт.

Квалитетот нема да биде ист како пред короната

Сега доаѓа Европското првенство и тука сигурно ќе се видат последиците од целата оваа ситуација. За брзо време ќе имаме нов европски шампион. Се играат многу натпревари, гледате и во другите спортови,  нема публика се игра само поради телевизиските права или за да опстои тој спорт. Според мене, како што јас гледам на работите, ова Европско првенство нема да биде баш пример за квалитет како што беше пред короната. Претходното ЕП во 2020 кога Хрватска беше втора, имаше 20.000 луѓе на финалето во Стокхолм, тоа беше она последно вистинско првенство. После тоа короната промени се и донесе многу проблеми, посебно во нашиот спорт.

Србија се промовира како кандидат за втор круг

Што се однесува до Европското првенство и нашата Ц група во кој е и репрезентацијата на Хрватска, јасно е дека за две места ќе конкурираат три репрезентации – Франција, Србија и Хрватска. Не би сакал да ја потценам Украина, но фаворити на хартија се овие три земји. Посебно Франција и Хрватска. Меѓутоа, Србија, колку што гледам, некако се разбуди. Србија повторно е во подем, барем што се однесува до репрезентацијата. Не мислам на клубовите, туку само на репрезентацијата. Србија отсекогаш имала вишок таленти и тие мислам дека составија една добра екипа. Тоа се виде во квалификациите, но ќе мора сега да го докажат и во настапот ан Европското првенство. Бидејќи, знаете, друго се квалификации, а друго е да се игра на Европско превнство.

Мислам дека за тоа е свесна и Хрватска како и Франција, дека во Србија ќе имаат ривал за првите две места во групата. Србија исто може да биде репрезентација која сигурно ќе конкурира за тие две места. Тука ќе биде главниот проблем во оваа Д група.

Франција и Хрватска на традиционален двобој

Кои ќе бидат најинтересните или решавачки дуели? Па, морам да кажам дека тука се игра улогата. Хрватска прво игра со Франција, кој е, така да кажам, еден традиционален дуел во изминативе десет години, сигурно. Франција е голем противник на Хрватска и тоа ќе биде дерби, едно големо дерби. Меѓутоа, сега тука доаѓа и уште еден дуел со Србија кој и поради традицијата и поради сè друго, треба да се почитува. Бидејќи, Србија на основа на своите таленти што ги има и што играат низ Европа, може да состави една навистина добра репрезентација. Проблемот на Хрватска е што ќе ги играме двата натпревари еден по друг, прво со Французите, па после веднаш со Србија. Тоа е исто, малку лош распоред. Треба да се мотивира екипата, силно концентрирано за кусо време.

Сега сè се игра некако на брзина, фаворити за медали сигурно ќе бидат некои од големите репрезентации како Данска, како Франција, па и Германија. Германците не беа комплетни на СП во Египет, но Германија секогаш е опасна, има квалитет. Јас мислам дека меѓу овие репрезентации може да се бараат фаворитите за медал. Секако, и Хрватска е секогаш тука меѓу фаворитите, оваа ситуација и она што го доживеавме на СП во Египет тоа не е реалната слика за квалитетот и за можностите на репрезнтацијата.

Секако, многу работи ќе зависат и од тоа каква ќе биде ситуацијата до почетокот на ЕП, кои играчи ќе бидат здрави, посебно од тие главните играчи од кои зависи играта. Ако не може да сметаме на некој од нив, тогаш ќе биде тешко бидејќи мал е ростерот за селекција. Многу ќе влијае и тоа каква ќе биде ситуацијата, дали ќе има публика или ќе бидат како во Египет, само играчите. Резултатите ќе зависат од многу работи, а во целата оваа ситуација сè уште постојат многу прашалници. Но, реално, кандидатите за висок пласман ќе се бараат меѓу оние репрезентации што веќе ги споменав.

Во однос на тоа кој може да биде освежување и да изненади на ова ЕП, па мислам дека тука Исланд е една многу интересна екипа, имаат многу квалитетни млади играчи. Исто така мислам дека и Полска сега има неколку добри млади играчи, добро изгледаа на СП. Јас исто така очекувам добро да одиграат и Унгарците, но кај нив малку недостасува тој континуитет за да се направи некој поголем успех на силно натпреварување како што е Европското првенство кое знаеме е посилно од Светското бидејќи тука главно е концентриран квалитетот.