Шест групи за шест поранешни селектори на Македонија. Тој останува селекторот на Македонија кој го има постигнато најдобриот резултат на големите натпреварувања бидејќи во 2012 година ги водеше момците до 5. позиција на Европското првенство во Србија. Претходно беше дел од националниот тим во стручниот штаб на Веселин Вујовиќ и Илија Темелковски, но во 2012 година се позиционираше како најуспешен селектор во историјата на ракометна Македонија. Како тренерот на Пелистер и Металург имаше успеси освојувајќи трофеи во домашните натпреварувања, a неговото знаење го пренесе и надвор од границите на Македонија како успешен интернационалец. Звонко Шундовски ја анализира групата Ф.
Група Ф е една од најпосакуваните групи на Европското првенство со оглед на тоа што една од четирите репрезентации (Норвешка) е од врвен калибар и фаворит во групата, а борбата за второто место и влез во главната фаза ќе биде неизвесна. Според рејтингот и искуството, репрезентацијата на Русија е благ фаворит за ова место но, изненадување може да приреди репрезентацијата на Словачка, земајќи предвид дека е домаќин на овој турнир. Репрезентацијата на Литванија, како репрезентација која првпат учествува на големо натпреварување, може да се каже дека е аутсајдер во оваа група.
Сагосен е клучот за успехот на Норвешка
Репрезентацијата на Норвешка, не само што е фаворит во Група Ф туку е и еден од главните конкуренти за освојување на едно од првите три места на овој шампионат. Станува збор за исклучително квалитетна и искусна репрезентација која има вкупно 10 учества на Европските првенства и бележи континуиран подем во изминатите години. Норвежаните на Европското првенство во 2016 година го освојуваат 4. место, во 2018 го освојувата 7. место, а веќе во 2020 година, кога се дел од домаќините на Европско првенство, стигнуваат до полуфинале и ја освојуваaт бронзата.
Најголемата предност на овој тим е тоа што голем дел од ракометарите се во зенитот на својата кариера и настапуваат во врвни европски клубови, а по квалитет најмногу се издвојува Сандер Сагосен. Младиот 26-годишен ракометар е веќе докажан и искусен играч кој моментално настапува за екипата на Кил, а во минатите години бележи големи успеси и на самите Европски првенства. Со неговите 65 постигнати голови на Европското првенство во 2020 година станува и најдобар стрелец на сите времиња на овие натпреварувања. На последните три европски шампионати е дел од ол-стар тимот, а исто така важи и за еден од најдобрите асистенти на овие првенства.
Секако дека квалитетот на оваа репрезентација, зрела за големи дострели, не се поистоветува само со квалитетот на Сагосен. Норвежаните се гордеат со повеќе ракометарите од висок калибар како што се средниo бек Кристијан О’Саливен (Магдебург), десното крило Кристијан Бјорнсен (Алборг), десниот бек Харалд Рајнкинг (Кил), како и голманот Торбјорн Бергеруд (ГОГ).
Русија има искуство и младост, но и перспектива
Вториот кандидат за пласман во главната фаза е репрезентацијата на Русија која и по квалитет и по рејтинг е пред репрезентациите на Словачка и Литванија. Сепак, Русите играат со променлива форма и имајќи во предвид дека во група Ф игра и домаќинот Словачка, пласманот во главната фаза нема да биде лесна задача за руската селекција. Станува збор за репрезентација која во своите редови има и искусни и млади, а перспективни играчи.
По доаѓањето на Велимир Петковиќ на селекторското место на оваа репрезентација тој прави напори да го модернизира рускиот систем на игра со внесување на елементи од европскиот модерен ракомет. Промената на стил на игра на една репрезентација не е едноставна работа и бара доста време и вложена енергија од сите страни. На овој шампионат Русите ќе имаат шанса да докажат дали се зрели за модернизацијата која е имплементирана и се спремни да се носат со големи противници. Од поискусните играчи може да се издвојат Павел Атман, Димитри Житников, Данил Шишкарев, како и голманот Виктор Киреев од кои се очекува да бидат носители на играта на оваа репрезентација.
Словаците се домаќини, но имаат неповолен распоред
Гледајќи го квалитетот на репрезентативците на Словачка, може да се заклучи дека се работи за репрезентација која не може да парира ниту со репрезентацијата на Русија, ниту, пак, на репрезентацијата на Норвешка. Како и да е, тие се домаќини на ова Европско првенство што дава за право да не ги исклучуваме како конкуренти за второто место во групата уште пред самиот почеток на првенството.
Одлучувачкиот натпревар за освојување на второто место во Група Ф се очекува да биде натпреварот помеѓу Словачка и Русија, кој е и последниот меч во групната фаза за двете репрезентации. Распоредот на натпреварите е многу поповолен за Русите и никако не им оди во прилог на домаќините и може да претставува додатен проблем за словачката репрезентација.
Литванците се аутсајдери
Репрезентацијата на Литванија првпат е учесник во новиот формат на Европското првенство и земајќи го во предвид квалитетот и искуството, со право може да за каже дека е аутсајдер во оваа група. Како предност на оваа репрезентација може да биде желбата за докажување и отсуството на притисок за пласман во втора фаза. Ако Литванците успеат да ги искористат овие предности, би можеле да создадат проблеми на репрезентациите конкуренти за второто место од Група Ф.