„Финалето се добива, не се игра“ беше изјавата на Андреа Лекиќ пред дуелот со Ѓер во финалето на лигата на шампионите. Малку недостасуваше ова да биде реалност. Вардар играше, беше чекор до „добивање“, и не разочара во Будимпешта на Ф4 турнирот. Загуби во финалето, дури по продолженијата, 30-31, но остана впечатокот дека тимот конечно е созреан за високи дострели. Можевме и веројатно требаше да се искористи и подадената рака да го зграбиме пехарот, и тоа е она што најмногу ќе ги боли ракометарките.
За разлика од претходните три сезони, овојпат никој не ги надигра. Прво му одржаа лекција на сега поранешениот европски првак ЧСМ Букурешт, а потоа беа во игра до крај, се боре „машки“ и жестоко со трикратниот првак, Ѓер. На крајот можеше и ќе беше исто така заслужено „црвено-црните“ да бидат тие што ќе го отвораат шампањското. Тоа ќе беше круна на сите напори вложени сезонава, надминување на сите проблеми со кои се соочуваа, и поттик за машката екипа која со сличен предзвик ќе се соочи за три недели, но во Келн.
Четири години Вардар чекаше да дојде до шанса вистински да се бори за злато во лигата на шампионите, и секунди го делеа од најголемиот клупски успех. Го имаа последниот напад во свои раце, но ја немаа акциијата што требаше да им донесе шампионски гол. Дури и во продолженијата беа во игра, но 130 мнути на терен за 24 часа не секогаш може лесно да се издржат. Токму последнот напад со кој можевме да победиме покажа дека немаме решение за „брз напад“ од 10-15 секунди што би го решиле во наша корист.
Ќе има, и треба клубот да направи анализа, каде е пропуштена шансата. Да се најде и одговор зошто во финалето немаше повеќе минути за Андреа Кликовац како дефанзивец, за Сања Дамњановиќ како среден бек, па и за поагресивно играње на ракометарките на Ѓер, особено Мерк. Дали Хмирова искористи премногу кредити, и тоа токму во најважниот меч на сезоната. Беше ли изненадување реализација на Горбиц од крило во првото полувреме, или свесно беше пропуштана со надеж дека голманите ќе одбранат нешто.
Се жалеа вардарки при објавувањето на номинацијата на руската двојка за полуфиналето со ЧСМ Букурешт. Се сомневаше управата на Вардар за некаков конфликт на интерес. Но, се покажа дека токму Русинките „свиреа“ праведно, а проблемите дојдоа во финалето. Играчите по натпреварот беа лути на многу судиски одлуки, на одолговлекувањето на нападот на домашниот тим. И со право, но исто така играчите беа и самокритични дека во текот на натпреварот требало самите да решат многу ситуации, да реализираа многу шанси.
Мора да признаат од нашиот тим дека самите се виновни што не се враќаат со златото, а помалку да размислуваат на судите. Очигледна беше наклонетоста на судиите кон едниот тим, кои дозволија груба игра, толерираа долги напади на Ѓер, груба игра, па се до некоректниот потег на делегатот со земањето на картончето за тајм аут. Очигледно беше кој треба да победи, само сценариото не изгледаше лесно за реализирање. И сега е вистински момент да се издвојат судиските грешки и истите да се достават до ЕХФ, и да се потсети европска куќа и да се „притисне“ за пофер судии во иднина.
Жалењето нема да им ја донесе титулата на вардарки, но добро е да се знае дека имаше и надворешни фактори кои не дозволуваа наша победа. Ни дозволија да се вратиме, но не и да победиме.
Вардарки како никогаш досега беа ментално силни, тимски сплотени, зрели за она што на многумина од играчите им недостасува – европска титула. Покажаа смиреност и во моментиите кога судите имаа различен аршин на теренот, кога покажуваа различни одлуки и кога имаа 3-4 гола негатива, кога повеќе минути немаа постигнато гол. Ништо н еги поколеба, ниту откажа.
Ова сезона во која дури три главни тренери се сменија: Индира Кастратовиќ почна, продолжи Давид Дејвис, а заврши Ирина Дибирова. Во меѓувреме на клупата беше и Едуард Кокшаров, Аце Станковски и Сергеј Самсоненко. Многумина велеа „многу бабици – килаво дете“, овојпат крајниот исход секако е задоволителен, иако најмногу играчите треба да кажат колку овие промени делуваа на нив.
В година екипата ќе биде без неколку играчи. Алтхаус веќе најави заминување, Мавсар и Херем тоа го имаат потврдено. За Песоа е се` поизвесно дека исто така ќе замине, исто како и Сања Дамњановиќ. Засега единствен нови играчи се Драгана Цвијиќ. Пукнатините во тимот ќе треба да се пополнат со квалитетни играчи. Можеби некој и од вториот тим да добие шанса, но само со квалитетни играчи ќе може в година да се надеваме на враќање во Будимпешта по злато.