Македонската публика особено ракометната го препознаат по неговиот глас. Тој е една од незаменливите алки во ТВ Арена Спорт, а заедно со неговиот колега Стеван Стевановиќ останаа во сеќавањата по коментарите во легендарниот поход на Вардар кон титулата во Лигата на шампионите 2019 година. Сретен Рашковиќ е спортски новинар и коментатор на регионалната ТВ Арена Спорт, а за 24Ракомет од свој агол го анализира Светското првенство во Полска и Шведска.
Престојното Светско Првенство треба да донесе квалитетна ракометна престава со голема посетеност на трибините и посебен натпреварувачки момент заради борбата за пласман на Олимписките игри во Париз 2024 година. Кругот на фаворитите не е променет и од првиот ред го сочинува Данска, Шведска и Франција, а до нив е и Шпанија.
Веднаш зад наведените селекции според моето мислење се наоѓаат Исланд и Норвешка. Пред се Исланѓаните за кои очекувам да направат чекор понапред во однос на Европското првенство и да го искористат фактот дека имаат неколку ракометари кои прават разлика на највисоко ниво, како што се Гисли Кристијансон и Омар Магнусон.
За жал мислам дека овој ракометен Мундијал ќе донесе уште една ракометна реалност за балканските селекции, во смисла дека повеќе не се во првиот ешалон на светски репрезентации. Ако резимираме Црна Гора има најголем напредок, многу се очекува од селекцијата на Србија, а дури ни Хрватска не е кандидат во борбата за медалите.
Делува дека селекцијата на Македонија е на еден нов пат кој започна со пополнување на селекторската позиција од страна на Кирил Лазаров, чиј авторитет заедно со безрезервната поддршка од нацијата ќе биде главен адут на СП. Хендикеп може да биде недостатокот на квалитетни натпревари и важни минути на бековите кои на ова СП треба да ги завземат местата кои им припаѓаат. Тоа пред сè се однесува на отсуството на Филип Талески и Вардар од меѓународната сцена, односно споредната улога на Филип Кузмановски во Хановер.
Јасно е дека најголемото искуство на оваа селекција доаѓа од крилата и голманите, исто така групата е доста тешка и не треба да се суди предвреме, туку да се следи настапот од почеток до крај.
Марио Танкоски е некој кој по мое мислење можеше да го направи настапот на Македонија покомплетен.
Убедливо најкомплетни селекции на турнирот се Данска и Шведска и тие би можеле да се судрат во финалето. Ќе се осудам да кажам дека Исланд ќе освои бронза на СП или пак ќе игра во полуфинале додека пак ТОП 5 ќе го комплетираат Франција и Шпанија.
Данска како на домашен терен, со фантастичен состав и некои ракометари кои се „гладни“ за разлика од останатите, би рекол дека од степенот на мотивација ќе зависи кој медал ќе го освојат. Се чини дека Николај Јакобсен со изоставувањето на Емил Нилсен одбра да има тимска хемија во тимот пред можноста да има два врвни голмани кои можат во секој момент да го сменат текот на натпреварот.
Шведска после 11 години повторно на домашен терен, но овој пат со голема самодоверба после ЕП, и со јасна хиерархија и поделба во тимот! Многу работи ќе зависат од Готфридсон и од придонесот на голманите, но како европски прваци Швеѓаните и колективно се силни.
Франција е секогаш во кругот на фаворитите, но новиот поредок се уште не ја донесе старата слава и доминацијата на популарните „експерти“. Повторно слаба точка на Французите ќе биде слабиот придонес од голманската позиција. Кога таа статистика беше на високо ниво, Французите освоија Олимписко злато, но и понатаму важат за една од водечките репрезентации.
Исланд е репрезентација која може да направи нов поредок во врвот на светскиот ракомет. Со добро водство од клупата, за мене нема да биде изненадување ако се најдат на едно од местата на пиедесталот.
Шпанија – кутија полна изненадувања наречена Црвена фурија, па дури и кога изгледа дека е се очигледно. Квалитететот е секогаш присутен, фактот дека никој не очекува финале од нив може да ги направи тежок ривал за сите фаворити. Сепак ако треба да прогнозирам можеби сега Шпанците порано ќе го завршат својот настап на СП.