На ова првенство го немавме она што не красеше на претходните шампионати. Ја немавме одбраната со голема цврстина и желба. А правилото е јасно. Во мое време доколку не играше одбрана, не можеше да играш ниту напад. Одбраната се игра со срце, вели Кире Поповски, поранешен репрезентативец кој беше дел од тимот на Македонија што настапи во 1999 година на СП во Египет. Сега Поповски работи како тренер во поширокиот стручен штаб на Еурофарм Пелистер
Последниот натпревар против Белорусија покажа една поголема желба особено во одбраната. Се одигра подобро отколку на претходните дуели, но мора да се каже дека Македонија никогаш немала послаба одбрана на едно големо натпреварување. Момците се држеа добро до 42. минута кога дојде исклучувањето на Кузмановски, па следуваа избрзани шутеви што не однесе во негатива.
Македонија беше во добар егал во поголемиот дел од средбата. Сепак, откако дојде негативата, гледајќи што се случуваше на претходните средби тешко беше ракометарите да се вратат одново во игра во овој натпревар. Жално е да не се искористи играњето на Лазаров. Да не се искористат доволно бековите бидејќи ретко кој ќе има можност да игра повеќе со таква легенда и таков играч кој може во секој момент да ви отвори простор.
Факт е и тоа дека се вративме двапати од негатива во второто полувреме, но така беше додека имаше сила. Подоцна откако силата беше загубена беше и тешко да се направи нов кам-бек. Веќе беше потешко.
На ова првенство го немавме она што не красеше на претходните шампионати. Ја немавме одбраната со голема цврстина и желба. А правилото е јасно. Во мое време доколку не играше одбрана, не можеше да играш ниту напад. Одбраната се игра со срце. Со својата борба и залагање во одбраната практично се обезбедува место во тимот и за во напад. Не може да не играш одбрана, а да сакаш да играш само напад. Мора да си мега талент или екстра играч како што е Кире Лазаров, па да се штедат силите бидејќи е максимално потребен во напад за да се штеди.
На ова првенство се знаеше дека ќе загубиме на средбите на кои губевме, но факт е дека мораше да има многу повеќе борба на теренот. Нашите бекови освен Филип Кузмановски, кој надоаѓа и се промовира на некој начин како лидер, никој не јаискористи шансата да го искористи присуството на Кире на теренот. Многу значи да имаш таков играч на теренот, кој ќе навлече одбранбен играч и ќе ти остави простор, кој ќе ти додаде топка во вистински момент.
Имавме многу избрзани шутеви, а имаше и ситуации кога требаше да се шутира, но не шутиравме. Тоа е одлика дека играчот е недоволно зрел. Тоа го прават неискусните играчи. Сепак, ова е тема за една длабока анализа, а ракометот мора да се потрудиме да го оставиме таму каде беше и досега. Тоа ни беше спорт кој не држеше да не паднеме во амбис.
Сега ми доаѓа и едно прашање, дали можеби притисокот беше преголем кај момците. Ние сме таква нација. Може да те кренат во висините, но и да те спуштат многу ниско. Критиките болат 100 пати повеќе, а прашање е колку момците можат психички да го издржат тоа. Кога си носител на играта знаеш како е да се носиш со ваквите моменти на критики, на притисок. Ова, сепак, се млади ракометари.
Мораше и можеше да се искористи многу повеќе во контекст на тоа дека никој не бараше врвен подвиг на ова првенство освен да се даде максимумот. Некогаш поразот од еден гол може да биде многу поболен од тој од 20 гола, но ако има борба на теренот за секоја топка тогаш е нешто друго. Ние на ова првенство тоа го имавме само во денешните 40 минути против Белорусија.
Многумина зборуваат и за неподготвеност на физички план. Меѓутоа тука има веднаш едно прашање. Кога заврши есенската полусезона од првенството? Таа годинава заврши многу подоцна отколку што беше ситуација во минатите години, па немаше голем период на пауза за да не бидат подготвени. Во еден ваков тим мораше да има место за Дејан Манасков и Гоце Георгиевски. Тоа се искусни играчи кои ни беа потребни на првенството. Имаше ситуации кои ни се случуваа, а беа страшно смешни особено кога се одбиваа топки кои не се собираа и се покажуваше незрелост.
Ново прашање е за исклучувањата. Колку од нив беа поради прекршок после силен старт, кога се одиграло машки и силно? Едно или две, а дали беа и толку. Ние можеше слободно да ја добиеме наградата за фер-плеј на ова првенство. Во напад добивме таков ќотек, а во одбрана не им вративме воопшто.
Може да се рашири целата тема сега и тоа во многу правци. Да се поставуваат многу прашања и да се прават анализи. Тука мислам на тоа колку нашите клубови во последните години направија домашни играчи и им дадоа шанса за да играат во првите тимови на меѓународна сцена. Секаде е исто. Кога се вложува се бараат играчи, но и тогаш тоа треба да биде во многу поквалитетни играчи од нашите. Успесите кои ги направи Вардар не може никој да ги оспори и длабок наклон поради тоа. Меѓутоа, колку македонски репрезентативци играа на тие натпревари на Ф4 во Келн?
Мора да се запрашаат сите кои го водат македонскиот ракомет каде се движиме? Каде оди македонскиот ракомет? Каде се македонските играчи и зошто ги нема? Зошто повеќе се работи со странски отколку со домашни играчи? Сметам дека доколку сакаме резултат мораме да имаме и трпение и да им се даде шанса на момците.
Би кажал и една од ситуациите деновиве. Обичните граѓани зборуваат и ги кажуваат своите мислења. Велат дека нема жар во нашата игра, дека нема сигнал од момците дека сакаат да направат нешто. За жал 40 минути во шест натпревари не се знак за нешто добро.
Мораме од ова првенство да извлечеме поука и тоа добра поука. Не треба никого да го омаловажуваме туку мораме сите да најдеме начин како да го вратиме ракометот на позициите кои ги има во последните две децении. Тоа е нашиот најквалитетен амбасадор и се надевам дека ќе остане така и во иднина.