На Светското првенство во Египет 1999 беше еден од македонските репрезентативци кога Македонија првпат се претстави на еден Мундијал. Сега ја анализира македонската селекција која ќе игра во Египет децении подоцна... Иван Марковски за 24Ракомет го анализира натпреварот Македонија-Русија.
За ваков натпревар и нема што посебно да се зборува и анализира. Заврши многу брзо по почетокот и немаше што да се види. Психолошки и емотивно момците делуваа испразнето. Русија не дека е толку поквалитетна туку ракометарите се физички и тактички подобро подготвени во моментов.
Ако ова Светско првенство дојде како подарок тогаш не треба толку трагично да го гледаме резулатот туку ќе треба да се навикнеме да бидеме без присуството на носителите на играта кои ги имавме досега. Последен од нив се повлекува Кирил Лазаров, ја напушта репрезентацијата што е природно, но се надевам ќе добиеме наследник.
Кога ќе се согледа прикажаното од сите ракометари на овој шампионат, Кузмaновски на ова СП покажа континуитет. Се гледа она негово играње во најсилната лига во светот, Бундес лигата и мора така да продолжи за да прерасне во репрезентативец кој ќе може да повлече и други играчи од неговата генерација. Голманите веќе стандардно си имаат свои моменти, но кога не се игра одбрана и не се прават прекршоци тогаш при чисти шутеви ниту тие не можат да сторат нешто без разлика кој е противникот. Инаку, се виде и денеска дека Русија има екстра талентирани млади играчи.
Во нападот денеска недостигаше дисциплина. Секој сакаше да шутне, а тоа се правеше премногу брзо. Сепак, дискутабилно е и тоа дали зборот недисциплина е вистинскиот или се работеше за немоќ.
Самиот резултат 32:20 покажа дека Македонија влезе во уште еден натпревар каде за жал се чекаше само на тоа колку ќе биде разликата на крајот од него. Доколку на претходните средби и можеше да се види ненаква жар во играта ова беше нешто сосема спротивно. Не знам дали и притисокот од јавноста се рефлектираше над ракометарите, но тоа никако не треба да биде оправдување. Дојде до уште еден пораз кој според мене не знам дали ќе биде корисен или штетен за македонската репрезентација.
Овие натпревари даваат и некои нови играчи кои ќе ги добиеме во националниот тим. Добро е што Серафимов доби шанса и тоа ќе биде играч на кој можеме да се потпреме во иднина. Одбраната ни беше послабиот сегмент во играта. Од моја страна гледано ни недостига агресивноста. Играме без прекршок и не можеме да парираме на никого. Дали периодот беше краток и не можевме да се подготвиме, но факт е дека кога ќе излезеш на терен нема оправдување за ништо. Тогаш излагаш, играш и сакаш да го дадеш максимумот. Сепак, се носи националниот дрес, се игра за репрезентација.
Русија се покажа како едно изненадување со оглед на тоа што дојде во шаренолик состав во однос на претходните години. Сега ги нема најдобрите (ако може така да се каже) ракометари. И во Русија има смена на генерации. Кај нас можеби изгледа дека не го направивме тоа доволно транспарентно. Ги слушав изјавите на селекторот и тој во моментов е на мета на јавноста. Македонија е навикната на добри резултати. Можеби треба да се даде време и простор за да се види дали промената на генерации е проблем или квалитетот е тој и мора да се признае дека со овој квалитет толку може да се направи.
Македонската репрезентација мора да го следи примерот на другите и да создава тренд без притисок и оптоварување дека треба да бидеме меѓу најдобрите 7-8 или десет репрезентации во светот. Мораме да создадеме имиџ, без разлика против кого играме и да направиме промени. Треба да почнеме да напредуваме како играчи.
Очигледно е дека некои играчи од изборот играат многу малку во своите клубови, но нивна шанса е да покажат дека го заслужуваат дресот на репрезентацијата. И ние бевме млади и добивме шанса и тоа тогаш беше влез во репрезентација бидејќи го заслужуваш местото таму. Ова треба на сите кои добија шанса да им биде влезница за она што следува понатаму.
Во моментов критериумите се помешани за тоа како се доаѓа до место во репрезентацијата во однос на порано, но тоа е друга тема. Сега репрезентацијата на Македонија мора да се подготви за одигрување на последниот натпревар и да ја врати својата игра, а играчите да ја вратат самодовербата и вербата дека можат да играат против секого. Тоа да биде на некој начин патоказ за следните големи натпреварувања.
После сето ова треба да се размисли дали одењето во Египет беше правилно. Со три тренизи не се оди на Светско првенство. Ќе беше почесно да не се оди на шампионатот. Добивме покана како прва резерва, но мораше да се направи анализа, да се направи проценка за да се види дали треба да се учествува или не. Веројатно не требаше да се учествува за да не ни се случува ова што сега ни се случува.
Мораме да се навикнеме и на поразите. Убаво е кога се победува, но мораме и поразите да ги прифаќаме достоинствено. На никого не му е мило да губи, уште помалку тоа да биде со 10, 15 или 20 гола разлика. Не му е мило ниту на Данило, ниту на играчите. Треба да се направи проценка до каде можеме со овој квалитет што го имаме и да бидеме реални.