Анализа на Дражен Пиневиќ: Сè што направи Вардар минатите години сè уште му дава крила на македонскиот ракомет

Кога ќе се спомене новинарски џомба во ракометот првото име кое доаѓа на ум е Дражен Пиневиќ. Еден од најдобрите спортски новинари во регионот, дел од угледниот дневен весник Спортске Новости во Хрватска за 24Ракомет од свој агол го анализира Светското првенство во Полска и Шведска.

Секогаш ми е задоволство да соработувам со луѓе кои посветуваат посебно внимание на ракометот. Мојата професионална поврзаност со ракометот трае од крајот на 80-тите кога започнав да работам во Спортске Новости. Во текот на мојата кариера имав прилика да известувам од повеќе од 50 Светски и Европски првенства, единствен  новинар сум кој бил акредитиран на сите Европски првенства до сега. Тука се и пет Олимписки игри (Сиднеј, Атина, Пекинг Лондон, Рио). Бев сведок на европските титули на Загреб и Подравка, се радував на европските титули на Вардар, шест пати известував од Келн на завршницата на Лигата на шампионите. Во два наврати ја водев прес службата на Европските првенства, а еднаш и на СП во Хрватска кога бевме домаќини. Ништо од тоа немаше да биде без ракометот.

Откако ракометот влезе во силен ритам сред сезона со многу натпревари за врните ракометари, има се помалку изненадувања. Најчесто се поставува прашањето која репрезентација во каков состав ќе пристигне на Светското првенство, бидејќи ракометарите се заменливи но квалитетот не секогаш.

Затоа во прв ред на фаворити на ова Светско првенство кое е квалификациско за Олимписките игри во Париз (победникот оди директно на ОИ) ја ставам Шведска која е актуелен европски првак, Данска која е двократен светски првак по ред и која во Стокхолм ќе биде како на домашен терен. Во врвот секогаш треба да се смета на Шпанија, иако е доста подмладена, Франција која и покрај проблемите има екстра тим, па и Норвешка која со враќањето на Сагосен повторно ќе биде опасна, исто како и Исланд. Европа е доминантна, но Бразил, Аргентина, Египет, Тунис, Катар се доста сериозни репрезентации. Аутсајдери се само САД и Уругвај. Сите останати можат некого да изненадат.

Македонија со доаѓањето на Кире Лазаров на чело дојде во ситуација да мора да прифати смена на генерација. Проблемот со Вардар можеби ги усложни работите, но сè што направи Вардар минатите години сè уште му дава крила на македонскиот ракомет. На минатото Европско првенство покажаа колку е тоа тешко, кога беа трипати поразени во првиот круг, а и сега нема да им биде полесно. Норвешка е апсолутен фаворит, Холандија е хит репрезентација од последното ЕП, а Аргентина е озбилна репрезентација со која ќе се води борбата за пласман во следната фаза што би било одличен успех. Минатиот пат во Египет и Хрватска не успеа против Аргентина. Тимот мора да биде млад бидејќи не би можел да функционира долгорочно, и сигурно дека ракометари како Лазаров кој сега е селектор, Миркуловски, Стоилов, Митревски кој се уште не се дава, Георгиевски кои со години беа носители на овој тим многу ќе недостасуваат. Но, мора да бидат стрпливи, тука не помагаат емоции, само доследност, поддршка и верба.

Број 1: Данска

Никој во историјата не бил трипати по ред светски првак. Оваа Данска тоа го може. Имаат фантастичен тим и најмалку проблеми пред ова Светско првенство.

Број 2: Шведска

Пред три години на ЕП на нивен терен тотално разочараа, а на нив дома тоа често не им се случува. Во 2002 на домашен терен го освоија златниот медал , на крајот на генерацијата на Бенгт Јохансон.

Број 3: Норвешка

Доаѓаат со новиот селектор Јонас Виле, помалку познат од својот претходник Берге, но доста значаен за нивниот досегашен напредок. Сагосен е здрав, а со него се 50 % посилни. Искусен тим, ако му се погоди формата на голманот можат до врвот.

Број 4: Исланд

Втора фаза во создавањето на тимот од страна на Гудмур Гудмунсон. Сега се на доста високо ниво и само чекаат добар резултат. Исто како во Пекинг (сребро) и Виена (бронза).

Број 5: Шпанија

Репрезентација која најмногу и најдобро работи во светот. За тоа најмногу заслуги одат за Жорди Рибера.Злато и сребро од ЕП, бронза од СП, бронза од Токио се нивните последни резултати. Подмладени се за разлика од минатите настапи, но никој денес подобро не може да ги постави работите од Рибера.