После освојувањето на 3. место во групата треба набрзо да се види што и како понатаму. Треба да се смират прво главите, да се направи анализа, а оние што го одбраа тандемот Брестовац-Матлиески да го дадат своето мислење после овој шампионат. Можеби тоа е најдоброто решение во моментов за водење на репрезентацијата, но треба тие да го кажат тоа. Треба да се види дали е тоа решение или имаме и друго. Секако да се види имаме ли и други играчи кои би можеле да се најдат во комбинација за националниот тим.
Падот во нашата репрезентација не е само во сениорскиот состав. Имаме пад и во пониските генерации. Го имавме тоа и летото за време на кадетското првенството. И тогаш дел од нас коишто се занимаваме со ракомет укажавме дека изборот не е правиле. Сепак, помина сè како што помина.
Сега во Виена ја имавме најлесната група која некогаш сме ја имале на вакво натпреварување. Го имавме Лазаров кој и сега на 40 години игра како во своите најдобри денови. Меѓутоа има едно големо прашање. Што понатаму? Што кога утре веќе Лазаров нема да биде на теренот во репрезентацијата?
На подготовките имавме бековска постава во која го немаше Лазаров. Тој не одигра минута ниту во Словенија, ниту во ЕХФ неделата кога игравме со Грузија во Скопје. А поставата која играше на подготовките на бековската линија не одигра ниту пет минути на Европското првенство. Зошто тогаш играше на подготовките?
Место да игравме со европски репрезентации во подготовките игравме со Кувајт и Алжир, а самиот селектор се жалеше на грубата игра на противниците. Тоа се прави кога нема натпреварување кога се пробуваат други играчи.
Веќе добро се виде дека ракомет се игра секаде во Европа, но и низ светот. Нема веќе можност за импровизации. Ние како да се залетавме после добриот резултат против Исланд. Постојано зборувавме дека го победивме Исланд одигравме добро на двата дуели, а заборавивме дека загубивме од Грција. Заборавивме и дека против Турција имавме негатива во 48. минута.
Заборавивме и дека имавме проблеми и со кадетите против репрезентација како Аргентина од која загубивме на домашен терен на Мундијалот.
Сега е навистина тешко после ваков резултат. Но мора да се преспие и потоа да се продолжи. Нема многу место за размислување. Мора да продолжиме и да го продолжиме континуитетот.
Ракометот е единствениот спорт во Македонија со кој редовно одиме на Светските и на Европските првенства. Затоа и кога критикуваме, не критикуваме за некого да го навредиме или повредиме туку затоа што мораме да кажеме што е и како е за доброто на ракометот.
Ракометот е спорт број 1 во Македонија. На чело на Ракометната федерација имаме човек кој ни овозможува сè што е потребно за добра подготовка. Учества на турнири, организација на турнири, првенства, патувања… но мора да се продолжи со работа во уште посилен ритам и овој спорт да остане таму каде што му е местото на големите натпреварувања.