Многу е лесно да критикуваш некого по два тешки пораза. По извлекувањето на групите Холандија како да ја ставивме во втор план. Според мене тоа ќе биде репрезентација во ТОП-8, а можно е и да биде во полуфинале.
Македонија во првиот дел го загубивме натпреварот. Бевме прочитани, нашата одбрана немаше густина како и со Норвешка и затоа Митревски и Томовски беа на мета, најчесто не поминуваа индивидуално еден на еден. Видовме дека враќањето ни беше послаба страна.
Нашиот напад преку пивот функционираше, но ни фалеше Јагуриновски, кој се повреди. Со брзи репрезентации ако имате технички грешки се зголемува разликата, паѓа моралот и самодовербата. Гол разликата навистина ни е лоша.
Можеби најлесно е да бидеме сите селектори, но сепак најважно е како да излеземе во вторник со Аргентина и да се носиме со со нив и да обезбедиме втора рунда. Имаме искуство кај Манасков, Георгиевски, Никола Митревски, имаме и многу дебитанти. Тие мора да покажат поголема самодоверба и само така може да ја подобриме нашата игра. Мојата генерација, ние не стигнавме на некое натпреварување на млади години, зрели влеговме на тие првенства. Сега веднаш сакаме инстант резултати.
Холандија е репрезентација која ја копира Норвешка. Норвешкиот женски ракомет беше во подем на почетокот, машкиот беше на наше ниво пред неколку години. Норвежаните (мажите) брзо го стигнаа нивниот женски ракомет. Истото важи и за Холандија, првин имаа напредок во женскиот ракомет, па еве сега и во машкиот.