Со технички состанок и прв тренинг, екипата на Охрид вечерва во салата „Билјанини извори“ ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во Супер лигата, во која „гладијаторите“ ќе играат во плеј-офот.
На првата прозивка беа и новите засилувања на клубот кои, според најавите на управата и стручниот штаб, ќе се комплетираат во наредните денови и со други имиња.
Со нив Охрид цели далеку во плеј-офот, најавувајќи борба за врвот на табелата и, доколку се укаже можност, атак на местата кои водат во Европа.
Охрид во наредните пет недели интензивно ќе се подготвува за продолжението на првенството, период во кој ќе бидат одиграни и неколку контролни натпревари.
Клубот по завршувањето на регуларниот дел од сезоната го напуштија Тоше Ончев, Стефан Бошковски и Халил Озтурк, додека како први засилувања беа ангажирани Стефан Дрогришки од Тиквеш и ракометарот од Словенија, Гал Цирар.