Ракометарите на Вардар се веќе долго на подготовки, па откако пола лето го минаа во тренинзи и контролни натпревари, почнаа да ја креваат формата, но од 16 септември поради одлагања на дуелите со Елверум и Пик Сегед се без натпревар.
За следниот дуел ќе треба да се чека до 15 октомври кога во СЦ „Јане Сандански“ треба да гостува екипата на Флензбург.
Во меѓувреме ракометарите тренираат, но немаат натпревари. Се очекува и стартот на СЕХА-лигата која би требало да почне следниот викенд, но останува да се види како ќе се одвиваат и тие средби.
„Ако не играме натпревар од СЕХА лигата, се надевам дека Металург ќе ни излезе во пресрет и ќе можеме барем да одиграме некој меч. Се гледа дека формата оди во надолна линија. Флензбург играше неколку силни натпревари, екстра дуели, со силни ривали, со висок ритам и ние тренираме со замислен противник и потоа не играме. Мислам дека сме многу хендикепирани“, вели Алушовски.
Засега тренерот на вардарци мора да размислува како да ја задржи формата на ракометарите, а вели дека за него е несфатливо како тоа некои екипи можеа да дојдат во Скопје, а други не можат.
„За мене е несфатливо како Тотенхен можеше, а Елверум не можеше да дојде во Скопје. И Швајцарија има строги протоколи, па Криенс дојде да игра натпревар со Металург. Несфатливо е дека ПИК Сегед беше во Полска, а потоа дома не можеше да организира средба. Но, се менуваат многу правилата. Се надевам дека нема да дојдат уште полоши времиња“, коментира Алушовски во интервју за клупскиот сајт.
До 15 октомври останува неизвесноста како ќе се одвиваат работите односно дали ќе може да се одигра натпревар или вардарци ќе мораат директно на двобој против Флензбург без други дуел што ќе биде практично еден месец после првата средба од сезоната против Пик Сегед.