Вардар го обезбеди местото во осминафиналето од Лигата на шампионите, а останува да ги одигра уште натпреварите со Порто на гости и Монпелје дома. Средбата со Порто е закажана за в сабота од 16:00 часот, дуел што е особено важен и за двете екипи за избегнување на 6. место на табелата.
Тренерот Стевче Алушовски вели дека победата над Мотор ја крена атмосферата во тимот.
„Победата против Мотор во претходното коло ја подигна атмосферата во тимот. Сепак не треба тој резултат да ни дава преголеми оптимистички очекувања. Реално гледаме на ситуацијата. Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме довлно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот“, вели Алушовски.
На првиот дуел сезонава во Скопје во септември Вардар победи со 32-27, а гостите тогаш покажаа дека ќе бидат „тврд орев“ за секого во групата. Во однос на тој меч сега во вардаровиот тим ќе ги нема Кристијан Дисингер, Павел Атман и Даинис Кристопанс.
Вардарци отпатуваа за Португалија денеска со цел да имаат повеќе време за одмор и подготовка со оглед на неповолните авионски конекции и патувањето што треба да трае до доцна навечер. Тимот што беше на паркетот против Мотор Запорожје во саботата и сега отпатува за Португалија.