И претходно имам кажано, дека за мене е меродавно она што го мисли претседателот. Тој ги гледа работите од друга перспектива. Мое е да работам и јас сакам да работам и да си ја извршувам својата задача. Максимално сум посветен на Вардар и тоа 24/7. Можеби во моментов тоа не е доволно, но јас сум максимално посветен, вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар
Победата од 31:26 против Флензбург во 4. коло од Лигата на шампионите, донесе подобрување на атмосферата во редовите на Вардар. Сите се далеку помотивирани, а тоа може да се забележи и од коментаритге на тренерот Стевче Алушовски за 24 Ракомет. Оваа победа против тимот кој пред доаѓањето во Скопје имаше три победи на три средби допринесе за уште поголемо кревање на атмоферата така што е јасно дека победничкиот менталитет на Вардар е пренесен и кај новите ракометари.
Тренерот Алушовски, пак, сега ќе може на тренинг да има уште помотивирани ракометари односно играчи кои на тренирањето ќе му пристапуваат уште посилно и со поголема желба.
Тој имаше и еден месец за подготовка пред дуелот против Флензбург, но истото нема да биде случај пред средбата против Порто бидејќи останува само малку време и до четврток ќе треба да се крене уште повеќе нивото и да се најде играта која треба за да се дојде до резултатот кој се посакува.
„Бевме надвор од натпревари еден месец, но имавме време за да работиме и во овој период одигрвме две контролни средби. Работевме добро. Овие момци се фантастични луѓе кои добро знаат што значи да се биде дел и да се игра за Вардар. Разликата ја прават играчите кои се староседелци. Имавме пех на натпреварот со Мешков Брест. Одигравме добро, но немавме доволно среќа. Можеби требаше и повеќе храброст, но тоа е сега зад нас исто како и дуелот против Флензбург. Сега сме фокусирани за дуелот против Порто, а тоа е многу тежок натпревар против многу сериозна екипа“, вели Алушовски за 24 Ракомет.
За следниот противник веќе има направено анализа и јасно е откаде ќе доаѓа опасноста. Сепак, има доволно време за да се подготви игра за дуелот против Порто кој се игра в четврток.
„Порто е многу квалитетна екипа составена од играчи кои главно се заедно подолго време. Дури 80 проценти од нив играа за тимот во последните неколку години и играат добар и модерен ракомет. Дојдоа само 2-3 нови, но добро се вкомпонирани. Играта 7 на 6 им е најсилно оружје. Сепак, имаме уште четири дена пред нас за да се подготвиме за тој натпревар“.
Вели дека победата допринесе за атмосферата да стане уште подобра и сега истата е поинаква од претходно.
„Јавноста уште не е свесна дека тој Вардар кој ја освои титулата во 2019 година и овој сега се две различни приказни. Атмосферата за работа после натпреварот против Флензбург е поинаква. Успеавме да срушиме екипа која покажа најмногу до тој момент и беше со максимален број на поени. Сепак, мораме да размислуваме за следните натпревари и тоа да дојде до израз на секој натпревар“.
Имаше голем притисок особено после поразот од Веспрем во финалето од СЕХА лигата и од Мешков Брест. Сепак, вели дека тоа не му влијае бидејќи тој има јасна позиција со претседателот Михајловски.
„Ние сме екипа која во своите редови има девет нови ракометари. Нормално е дека треба време и ние внимателно одиме на секој натпревар. Не се занимавам со јавноста и со пишувањата. И претходно имам кажано, дека за мене е меродавно она што го мисли претседателот. Тој ги гледа работите од друга перспектива. Мое е да работам и јас сакам да работам и да си ја извршувам својата задача. Максимално сум посветен на Вардар и тоа 24/7. Можеби во моментов тоа не е доволно, но јас сум максимално посветен“.
Во однос на играта нема промени туку мали измени само во играта во напад. Според Алушовски системот е задржан.
„Немаме отстапка од системот кој со години се практикуваше во Вардар. Можеби сменивме во играта во напад, но тоа е нормално бидејќи играчите не се истите. На секоја екипа кога ќе промени цел тим во задна линија и е многу тешко. Ние од претходниот состав меѓу бековите го имаме само Дисингер. Имаме свој план и стоиме цврсто на земја. Без разлика што го победивме Флензбург, играчите мора секој ден да даваат максимум, особено оние кои се со помалку искуство. Тие мораат да дадат многу повеќе зада бидеме на вистинскиот пат. Овој натпревар покажа дека Вардар може со секого и мора да веруваме во истото и на секој натпревар во иднина“.
Што се однесува до средбите кои се играат во Лигата на шампионите за нив бара максимално залагање од момците односно вели дека е потребно да се одигра со 100 проценти од можностите на секој натпревар.
„Лигата на шампионите е натпреварување кое бара максимално ангажирање и максимум на теренот од секој играч. Тука нема штедење туку напротив мора против секого да се влезе со максимално залагање и максимум од можностите. Секој натпревар бара залагање со 100 проценти“, коментираше Алушовски за 24 Ракомет.
Вардар има две одложени средби. Ќе треба да се доиграат средбите со Елверум (дома) и Пик Сегед (гости). Следниот натпревар се игра в четврток од 20:45 часот против тимот на Порто кој гостува во СЦ „Јане Сандански“.