Екипата на Еурофарм Работник продолжи со перфектната игра во СЕХА-лигата и веќе има три победи на три средби, а денеска во Битола го сруши тимот на Веспрем победувајќи го со 26:24.
Стратегот на домашните Стевче Алушовски смета дека овој триумф е награда за сите несреќни порази во Лигата на шампионите.
„Честитки за навивачите и играчите, горд сум за победата над еден европски гигант каков што е Веспрем. Во ЛШ запишавме неколку лоши резултати, а ова како да беше награда за тоа. Се надевам дека момците ќе започнат да веруваат во себе дека вредат многу. Мислам дека тие се уште имаат психолошка бариера за да дадат максимум, а јас искрено се надевам дека овој успех ќе ни помогне да започнеме да запишуваме резултати кои од нас се очекуваат“, изјави Алушовски.
Следен предизвик за Еурофарм Работник ќе биде гостувањето кај составот на Загреб во регионалната СЕХА лига.